Мира Мурати, поранешен главен директор на OpenAI, лансира нов стартап за вештачка интелигенција

Мира Мурати, поранешен главен директор за технологија на OpenAI, лансираше нов стартап за вештачка интелигенција кој ќе се фокусира на тоа да ја направи технологијата широко достапна.

Мурати (36) во вторникот ја откри Thinking Machines Lab, истражувачка и производствена организација чиј план е да ја направи вештачката интелигенција поразбирлива, прилагодлива и способна за различни задачи, пишува Financial Times.

Блогот на компанијата посочува дека „знаењето за тоа како да се обучуваат овие системи е концентрирано во водечките истражувачки лаборатории, што ја ограничува јавната дискусија за вештачката интелигенција и способноста на луѓето да ја користат ефикасно“.

Компанијата, со седиште во Сан Франциско, ангажираше неколку поранешни високи директори од OpenAI, а исто така собра истражувачи и инженери со искуство во компании како Google, Meta, Mistral и Character AI, кои ќе развијат модели фокусирани на науката и програмирањето.

„Научниот напредок е колективен напор“, се вели во соопштението на стартапот Thinking Machines Lab „Веруваме дека најефективно ќе го унапредиме разбирањето на вештачката интелигенција преку соработка со пошироката заедница на истражувачи и инженери“, се вели во соопштението.

Компанијата планира да објавува технички блогови, научни трудови и код, бидејќи верува дека споделувањето на резултатите не само што ќе има корист за јавноста, туку и ќе ја подобри внатрешната истражувачка култура.

Мурати работеше во OpenAI повеќе од шест години, водејќи го развојот на ChatGPT и клучните технички иновации во рамките на големите јазични модели на компанијата. Во ноември 2023 година, откако OpenAI го отпушти Сем Алтман, Мурати привремено ја презеде функцијата извршен директор, но Алтман се врати по масовниот протест на вработените и инвеститорите.

По овие превирања, Илја Сутскевер, ко-основачот и главен научник на компанијата, исто така го напушти OpenAI. Тој го основа стартапот Safe Superintelligence.