Мислете повеќе!

43

komunikacija

Фото: Pixabay

Доколку наминете во нашата фирма, насекаде на ѕидовите ќе видите натписи со мотивациски и стимулирачки текстови, пораки и мисли на паметни луѓе. Меѓу нив има еден од моите најомилени, кој вели:

МИСЛЕТЕ ПОВЕЌЕ!

Пред да кажете нешто!

Пред да направите нешто!

Пред да заклучите нешто!

Но, со текот на времето, некако чувствувам дека сите тие пораки добиваат само статус на декор на ѕидовите. Тие стануваат дел од нас и ние веќе не ги забележуваме, а помалку вистински да ги разбереме и да ги имплементираме. Дали навистина мислиме колку што треба и колку што ни овозможува нашиот ментален капацитет?! За жал, далеку од тоа. Најголем проблем и хендикеп во процесот на мислење ни прават нашите сопствени емоции. Голем број на одлуки, мислења и заклучоци ги донесуваме емотивно, врз основа на претпоставки, предрасуди, игнорантен став и поради тоа се наоѓаме во ситуација да реагираме брзо, непромислено, погрешно и/или ги земаме работите лично.

Процесот на мислење може да биде индуктивен и дедуктивен. Односно, индуктивен е кога немаме факти и го засноваме нашето мислење на хипотези, т.е. на факти кои претпоставуваме дека постојат. Додека, пак, дедуктивен е кога ги имаме фактите, или барем мислиме дека се факти. Во секој случај, најдобриот начин на „мислење“ е кога нашите одлуки и заклучоци ги засноваме врз основа на факти. Тоа размислување, како концепт, во теоријата се нарекува „правилно размислување“ (accurate thinking) – развиено од Наполеон Хил, уште пред 100-на години.

 Правилно размислување = Гледање на работите онака како што се вистински!

Инаку начинот на кој функционира ова размислување е прво поделба на фактите во однос на фикцијата – дали располагаме со проверени и со вистински факти или само со хипотези. Потоа, треба да ги поделиме фактите на важни и неважни. Важни факти се само оние информации кои се насочени и ни помагаат полесно да ги оствариме нашите зададени цели. Сите други факти се неважни. Во суштина, ние не сме свесни колку многу време трошиме дневно на обработување и на располагање со неважни факти.

Концептот на „правилно размислување“ претставува основа на секој успех. Доколку ние го практикуваме овој концепт во нашите секојдневни одлуки, размислувања и заклучоци, многу поголеми се шансите крајните резултати на нашите активности да бидат со поголем успех. Многу е поправилно доколку некогаш и кажете (признаете) дека немате став или мислење за нешто, бидејќи не располагате со вистинските факти, отколку да имате мислење за сè.

„Само неуспешните луѓе имаат став и мислење за сè и сешто“

Наполеон Хил

А со цел да се заштитите од луѓе кои не ги засноваат своите одлуки на факти, еден многу едноставен совет е да ги прашате: ОД КАДЕ ЗНАЕТЕ?! И, ако треба, проверите го изворот на информациите/фактите. Многу често ги земаме информациите од другите „здраво за готово“ и со нив после донесуваме важни одлуки кои се однесуваат на нашата иднина.

Уште од раѓањето, нам ни е дадена привилегијата да ги контролираме нашите мисли. Тогаш зошто да не го искористиме тоа и да не дозволиме други да го прават мислењето за нас?!

На крај прашајте се, дали и овој текст може да го земете како точен?! Од каде да знаете дека овие факти се точни и вистинити?!

Со успех во имплементацијата,

(Oвој неделен совет си го посветувам на себе и на целиот тим Македонија-Експорт)