Мизо:Целосно заздравување со автомобилскиот сектор нема да се случи брзо

97

Предизвиците наметнати од пандемијата, енергетската криза, одливот на стручен кадар се само дел од тешкотиите со кои се соочуваат странските компании во земјава. И во услови на криза, кога се соочуваат со пад на производството, овие компании ги задржаа вработените, а работат и на доедукација на нов стручен кадар.

Претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство Виктор Мизо, во интервју за МИА, говори за влијанието на пандемијата врз производствениот процес, времетраењето на испораката, но и зголемените трошоци за транспорт и репроматеријали.

– Инфлацијата полека, но сигурно ги еродира и оние веќе намалени профитни маргини заради драстичниот пад на обемот на производството. Според интерната анализа на компаниите од автомобилскиот сектор – членки на Асоцијацијата за технолошки напредни компании, за периодот од јули до декември 2021 година, евидентен е падот на обемот на производството споредено со истиот период лани, истакна Мизо.

Најоптимистичките превидувања за целосно заздравување во автомобилскиот сектор, според него, се до 2025 година.

– Крајот на годината е пред нас, но не и крајот на последиците од пандемијата за економијата и за автомобилската индустрија, како на глобално така и на локално ниво. Глобално, жариштата на пандемија се менуваат, рестриктивните мерки се обновуваат, понудата и побарувачкатата се во постојана осцилација, непосредните деловни контакти се сведени на минимум, но фабриките во автомобилскиот сектор сè уште даваат отпор и се борат за одржливоста на своите бизниси. Времетраењето на испораката и трошоците за транспорт значително пораснаа во изминатите 12 месеци, а последното е случај и со цените на речиси сите репроматеријали и полупроизводи.

Инфлацијата полека, но сигурно ги еродира и оние веќе намалени профитни маргини заради драстичниот пад на обемот на производството. Според интерната анализа на компаниите од автомобилскиот сектор – членки на Асоцијацијата за технолошки напредни компании, за периодот од јули до декември 2021 година, евидентен е падот на обемот на производството споредено со истиот период лани. Ова е во директна корелација и е главен контрибутор и на падот на индустриското производство и индексот во преработувачката индустрија во земјава во истиот период. Целосно заздравување со автомобилскиот сектор нема да се случи брзо и многу зависи за кои региони станува збор. Оваа година е изгубено производство од околу 11.4 милиони возила на глобално ниво. Планот за раст за годинава е околу четири отсто споредено со 2021, со тоа што САД и Кина ќе го почувствуваат заздравувањето многу побрзо и во поголем обем. Кај нив, враќањето во некоја „нормала“ ќе се случи во втората половина на 2023, додека за Европа тој процес ќе потрае до 2025 година. Нормално овие анализи и проекции се засновани врз претпоставка за лимитирани идни влијанија на Ковид-19, вели Мизо.

Во услови на пандемија, кога голем број фирми се соочија со отпуштање вработени, кај странските компании, според Мизо, годинава е забележано намалување на вработените за околу два отсто. Енергетската криза, додаде, неколкукратно ќе ги зголеми трошоците за струја на компаниите, што дополнително и директно ќе влијае на финансиските резултати. Токму затоа, подвлече, неопходна е помош од државата, барем во првиот квартал од годинава.

– Сите вработени, од оператори, техничари до инженери и менаџери, ја споделуваат судбината на компанијата во која се ангажирани. Стагнацијата, а веќе и опаѓањето на профитните маргини и обем на производство значи и поумерен раст на нови вработувања, оптимизирање на трошоците и генерално, поголема рационалност во бенефитите за вработените. И покрај негативните околности, компаниите се стремат да ги задржат вработените, но сепак дополнителни финансиски мерки од страна на државата за задржување работни места во автомобилската индустрија, која реално гледано трпи најдолгорочни последици, се неопходни барем за време на првиот квартал од 2022 година, вели Мизо.

Во интервјуто, претседателот на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство се осврна и на проблемот со набавката на електронски чипови на глобално ниво. Неизвесноста на среден рок смета дека ќе биде поприсутна кај трудоинтензивните компании, поради новите технолошки трендови и најавениот раст на минималната плата, воведувањето на недела како неработен ден и одлив на дел од кадрите во странство.

– Пред нас е нов предизвик, кој порано или подоцна ќе биде наметнат како ефект од заживувањето на слободниот пазар на трудот во рамките на иницијативата „Отворен Балкан”. Ова секако дека ќе придонесе за дополнителен одлив, како на стручен и специјалистички кадар така и на менаџерски, односно лидерски кадар, заклучи Мизо.