ММФ: Да се постигне поголем раст за да се подобри животниот стандард

41

Доброто управување и преземените активности од страна на Владата и Народната банка ја задржаа макроекономската и финансиска стабилност и го ублажија ефектот на ковид-кризата врз економијата и општеството потврдува Меѓународниот монетарен фонд во својата завршна изјава од 10-дневната редовна мисија во земјава. Се посочува и дека здравјето на граѓаните и зачувувањето на економијата се врвен приоритет на Владата, како и дека догодина ќе се интензивира економската активност, по нејзиното намалување во 2020 година како последица од ковид–кризата.

Во изминатите 10 дена мисијата имаше виртуелни средби со министерот за финансии Фатмир Бесими и тимот на Министерството за финансии, на кои во рамки на редовната годишна мисија беа детално разгледани макроекономските состојби и проекции.

Во согледувањата на Меѓународниот монетарен фонд се наведува и дека високите капиталните расходи предвидени со буџетот за 2021 година можат да бидат двигатели на растот, како и дека со буџетот за 2021 се обезбедуваат бафери во случај да требаат да се преземаат нови мерки или пак за проширување на постоечките како субвенциите за плати и надоместоците за оние кои би останале без работа. Исто така, ММФ посочува дека мерката за Државна гарантна шема ќе помогне во обезбедување на ликвидност на фирмите.

ММФ во својата завршна изјава препознава дека клучна цел на Владата е да се постигне поголем раст за да се подобри животниот стандард и конвергенцијата на приходот со другите европски земји, како и дека ова бара инвестиции во човечки и физички капитал. Во изјавата се наведува дека и покрај импактот на ковид-кризата во економијата, тоа не се одразило значајно врз стапката на невработеност.

На завршниот состанок на тимот на Министерството за финансии со шефот на мисијата на ММФ Бергјот Бјорнсон Баркбу, министерот за финансии Фатмир Бесими изрази цврсто уверување дека преземените и планираните политики и мерки ќе доведат до забрзување на економскиот раст во наредниот петгодишен период и ќе го зголемат потенцијалот на раст во домашната економија преку инвестиции во инфраструктура, енергетика, животна средина како и во човечки капитал и дигитализација.

“Политиките коишто ќе ја поддржат домашната побарувачка, како и инвестициите, конкурентноста и извозната активност ќе продолжат и во 2021 година со цел побрзо опоравување на домашната економија и создавање основа за забрзан економски раст на долг рок. Планираната фискална консолидација, редизајнирањето на буџетската политика и Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) се цврста основа за забрзување на економскиот раст во наредниот период, достигнување на нивото на економијата од преткризниот период во втората половина на 2022 година и обезбедување  побрза динамика на економски раст потоа. Согласно индикативните проекции, економскиот раст во 2025 година се очекува да стигне 5,9%, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно“, посочи министерот Бесими.