ММФ: Европа преживеа многу шокови, но долгорочната штета зема данок врз растот

Европа вешто издржа многу големи шокови, но долгорочната штета почнува да зема данок, бидејќи моментумот на раст се намалува кон просечна среднорочна перспектива, соопшти  Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Во извештајот за регионалните економски перспективи, кој беше презентиран на годишниот состанок на ММФ и Светската банка, се забележува дека има пресврт во ефектите од стимулациите за промоција на извозот претходно оваа година, бидејќи царините почнуваат да добиваат на значење, а пазарите на обврзници ги земаат предвид зголемените ризици поради континуираната неизвесност.

„Намалувањето на каматните стапки и повисоките фискални трошоци, вклучително и за одбраната, досега не успеаја да ја поттикнат приватната побарувачка, а јазот во продуктивноста со Соединетите Американски Држави останува голем и се очекува да се прошири, додека на домашно европско ниво, добро познатите потреби за структурни реформи остануваат нерешени“, се вели во соопштението.