
Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека Европската централна банка треба да продолжи да ги зголемува каматните стапки за да ја намали инфлацијата.
Дополнително, Фондот оцени дека на централната банка треба да и се помогне и од владите во намалувањето на буџетските дефицити, што би создало фискален простор за подоцна.
Како што пишува Ројтерс, ММФ ги повика членките на еврозоната што поскоро да ја усвојат програмата за реформи, за кои моментално се разговара, во врска со фискалните правила и јавниот долг кои го поддржуваат еврото.
„Монетарната политика мора да продолжи да се затегнува со цел инфлацијата да се доведе до целта во соодветен период“, се вели во извештајот на Фондот претставен пред министрите за финансии и претставниците на ЕЦБ.
ЕЦБ вчера осми пат по ред ја зголеми каматната стапка на 3,5 отсто.
ММФ оцени дека треба да се спроведе и фискална консолидација за да се намалат инфлаторните притисоци.
Во мај, Европската комисија процени дека буџетскиот дефицит на еврозоната годинава ќе изнесува 3,2 отсто од БДП, што е намалување од 3,6 отсто лани.
Јавниот долг треба да продолжи да се намалува, од 93,1 отсто од БДП лани на 90,8 отсто во 2023 година.











