ММФ: Германија мора подлабоко да ја реформира економијата

Државните инвестиции преку задолжување во вредност од милијарди евра нема да бидат доволни за подобрување на состојбата во ослабената германска економија, според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Според ММФ, по четири години практично без раст, најголемата економија во Европа има потреба од подлабока реформа од она што досега го посочи канцеларот Фридрих Мерц.

„Без подлабоки и смели реформи, како на домашен план, така и на ниво на Европската Унија, Германија сè уште се соочува со предизвикувачки среднорочни перспективи. Германија треба да ги намали даночните олеснувања за брачните парови, да ја намали прекумерната бирократија и да ја зголеми продуктивноста и претприемништвото во економијата“, соопшти ММФ откако нејзината мисија ја посети земјата.

Според нивниот извештај, големи делови од германската индустрија се заглавени во сектори со релативно низок раст и се под притисок од сè посилната конкуренција на клучните извозни пазари.

Сепак, ММФ ја поздрави реформата на Мерц за уставното ограничување на задолжувањето на Германија, што отвори врата за инвестиции од околу еден трилион евра во инфраструктура и одбрана во следните 10 години.

„Повисоките владини трошоци ќе обезбедат добредојден поттик за растот од 2026 година. Се предвидува дека јавниот долг ќе се зголеми на околу 68 проценти од бруто домашниот производ (БДП) до крајот на 2027 година, што е сè уште најниско меѓу најразвиените економии во светот“, вели ММФ.

Во исто време, тие наведуваат дека БДП ќе порасне за околу еден процент следната година и 1,5 проценти во 2027 година. За оваа година, проценката е само 0,2 проценти.

„Сепак, преовладуваат негативни ризици. Среднорочните перспективи остануваат пригушени поради стареењето на населението и слабиот раст на продуктивноста. Се проценува дека населението во работоспособна возраст ќе се намалува побрзо отколку во другите развиени економии во следните пет години“, објавува „Фајненшл тајмс“ од извештајот на ММФ.

Тие, исто така, го повикаа официјален Берлин да не ги користи парите од задолжувањето за зголемување на финансиските придобивки на гласачите.