ММФ ги подобри изгледите за кинеската економија

48

Кинеската економија се очекува да придонесе една четвртина од глобалниот економски раст оваа година, иако неизвесноста околу Ковид-19 и состојбата на секторот на недвижности би можеле да го забават моментумот, соопшти Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Оваа година се очекува закрепнување на кинеската економија бидејќи активноста ќе се зголеми по укинувањето на ограничувањата поради пандемијата, што ќе го поттикне растот на глобалната економија. Ова е добра вест за Кина и светот“, наведува ММФ во годишната проценка на кинеската економија.

Во исто време, тој укажа на „значајните економски предизвици“, истакнувајќи ја контракцијата на пазарот на недвижности и неизвесноста околу развојот на новата инфекција со коронавирус. Меѓу главните ризици за Кина оваа година, тој ги наведе забавувањето на глобалната побарувачка, неизвесноста поради војната во Украина и геополитичките тензии.

Населението на Кина се намали минатата година за прв пат во повеќе од шест децении, покажаа официјалните податоци објавени минатиот месец, а земјата со 1,4 милијарди жители, исто така, забележа рекордно ниска стапка на наталитет поради стареењето на работната сила.

Минатата година кинеската економија забележа само три отсто раст, на што најмногу влијаеше тешката стагнација на економијата и продлабочувањето на кризата во секторот на недвижности. Но, по речиси три години строги здравствени ограничувања, официјален Пекинг ненадејно ја прекина имплементацијата на политиката за нулта Kовид-19 во декември.