ММФ: Глобалните пазари може да ги потценат геополитичките ризици и несигурности

16

Глобалните пазари би можеле да ги потценат геополитичките ризици и со тоа да создадат услови за економски шокови во иднина, се вели во Извештајот за глобална финансиска стабилност на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Организацијата предупреди дека светските финансиски пазари моментално слабо реагираат на геополитичките конфликти и политичките неизвесности, што може да го зголеми ризикот од голем економски шок поради наталожените проблеми. „Оваа тензија нè загрижува, бидејќи создава потенцијал за нагло прилагодување на финансиските услови“, додава ММФ. Високата макроекономска несигурност може да ја загрози макрофинансиската стабилност преку влошување на пазарните ризици, понудата на кредити и растот на БДП, според организацијата со седиште во Вашингтон.

ММФ забележа дека сè повеќе финансиски компании користат алатки за вештачка интелигенција (АИ) во својата работа и верува дека компаниите би можеле да ја зголемат брзината и ефикасноста на овој начин. Сепак, компаниите треба да бидат свесни за опасностите од потпирање на само неколку даватели на услуги за вештачка интелигенција, според анализата.

Извештајот е објавен за време на годишниот состанок на ММФ и Светска банка, кој започна во понеделникот и трае до 26 октомври, пренесува Танјуг.