ММФ и понатаму без одлука за Георгиева – инсајдери тврдат: “Одборот ќе ја поддржи“

43

Годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка започнува денеска под товарот на фактот дека Извршниот одбор на ММФ не донесе никаква одлука по маратонскиот состанок во врска со обвинувањата против генералната директорка на Фондот Кристалина Георгиева за фалсификување податоци за списокот Дуинг бизнис, пишува Ројтерс.

Во обид да ги “разјасни деталите“ на истрагата, одборот на ММФ се состана во неделата со Георгиева и адвокатската канцеларија, која тврди дека додека била извршен директор на Светската банка во 2017 година, таа вршела притисок врз вработените да ги променат податоците Кинада биде подобро рангирана на листата Дуинг бизнис на СБ.

“Одборот направи понатамошен значаен напредок во својата проценка денес, со перспектива многу брзо да заврши разгледувањето на ова прашање“, се наведува во соопштението на Фондот објавено вчера.

Одборот на ММФ, кој се состои од 24 членови, планира денеска повторно да се состане за да одлучи за иднината на Георгиева на чело на глобалниот кредитор во време на криза, изјавија добро информирани извори за Ројтерс. Еден од нив, изрази верување дека одборот ќе ја поддржи бугарската економистка.

Франција и другите европски влади во петокот изразија поддршка за нејзиното завршување на мандатот како шеф на ММФ, додека американски официјални претставници и други побараа повеќе време за да се испитаат разни наводи за нерегуларности во изготвувањето на извештајот Дуинг бизнис, една од главните публикации на Светска банка.

Овој скандал се заканува да ги засени важните состаноци во рамките на годишниот состанок на ММФ и Светската банка, каде Георгиева, заедно со претседателот на СБ Дејвид Малпас, ќе имаат главна улога во дискусиите за глобалното закрепнување од пандемијата Ковид-19, ослободување од долгови и напорите за забрзување на вакцинацијата.