
Сомалија постигна договор за отпишување на долгот од 4,5 милијарди долари кон меѓународните кредитори, објавија Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Договорот е дел од програмата за олеснување на долгот наречена Иницијатива за многу задолжени сиромашни земји надгледувана од двете меѓународни финансиски институции, објави Бета.
Како резултат на учеството во програмата, надворешниот долг на Сомалија ќе падне од 64 отсто од БДП во 2018 година на помалку од шест отсто од БДП до крајот на 2023 година, се вели во заедничкото соопштение за печатот на ММФ и Светска банка.
Државниот долг на Сомалија, според официјалните податоци, во моментов изнесува повеќе од пет милијарди долари.
Министерството за финансии на САД ја објави својата намера да отпише 100 отсто од преостанатите побарувања на Сомалија и ги повика „другите билатерални кредитори на Сомалија да бидат подеднакво дарежливи и да се движат брзо“.
Договорот е „значајна пресвртница на патот на Сомалија кон континуирано закрепнување и значајни реформи за промовирање на поголема стабилност и економски можности за сомалискиот народ“, рече американскиот министер за финансии Џенет Јелен.
Али Јасин Шеик, заменик-гувернер на централната банка на Сомалија, изјави за АП дека олеснувањето на долгот во рамките на Иницијативата за тешко задолжените сиромашни земји е олеснување за неговата земја, која е желна да обезбеди нови средства за јавни проекти. Покрај тоа, рече тој, сега ќе и биде полесно на Сомалија да привлече нови инвеститори.
Сомалија останува една од најсиромашните земји во светот, оптоварена главно со безбедносните предизвици кои произлегуваат од годините на војна и немири.











