ММФ и Светската банка предупредуваат на висока инфлација и забавен раст

Пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка во 2023 година почнаа да се соочуваат со глобалните предизвици кои произлегуваат од високата инфлација и бавниот економски раст, јавува Анадолија.

„Три години од почетокот на пандемијата на корона вирусот, неизвесностите и ризиците продолжуваат да тежат на глобалната економија“, се вели во заедничката изјава на извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева и претседателот на Групацијата Светска банка, Дејвид Малпас.

Наведоа дека „инфлацијата, кризата на трошоците на животот и побавниот раст нè погодуваат сите нас, но особено им штетат на сиромашните и најранливите“.

Високиот долг ги кочи земјите во развој

Тие рекоа дека рекордно високиот долг ги кочи земјите во развој, додека последиците од климатските промени го загрозуваат постоењето ширум светот.

„Згора на сето тоа, руската војна во Украина и геополитичката фрагментација ја прават меѓународната координација уште попредизвикувачки“, додаваат тие во заедничката изјава.

Пролетните состаноци во 2023 година ќе траат до недела во Вашингтон.