ММФ ја предупредува Велика Британија да не ги намалува даноците

25

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја советуваше Велика Британија против дополнителни даночни намалувања, откако ја објави својата најнова проценка за светската економија.

Во извештајот се наведува дека зачувувањето на јавните услуги и инвестициите значи трошење повеќе отколку што се рефлектира во тековните планови на владата, објави Би-Би-Си.

ММФ посочи дека планираните намалувања на трошоците на Министерството за финансии од оваа година биле нереални, пренесува Танјуг.

Британскиот министер на финансии Џереми Хант рече дека, напротив, даночните намалувања би можеле да бидат голема помош за поттикнување на растот, што тој го навести како дел од претстојниот буџет во март.

Најновите проценки на ММФ дојдоа откако организацијата ги намали прогнозите за раст во Велика Британија следната година од 2 на 1,6 отсто, што делумно може да биде статистичка последица на ревидираниот раст во годините на пандемијата на Ковид.

Се очекува дека растот во Велика Британија минатата и оваа година ќе остане низок под 0,5-0,6 отсто, што е втор најбавен меѓу големите економии од Групата 7, веднаш зад Германија.