ММФ ја зголеми проценката за раст на глобалната економија

124

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја зголеми проценката за раст на глобалната економија за 2021 година на 6% во однос на јануарската прогноза од 5,5%, соопшти Гита Гопинат, главна економистка на ММФ.

Претставувајќи го новото априлско издание на Глобалните економски изгледи на ММФ за 2021 година, Гопинат навела дека зголемените прогнози за раст на глобалниот бруто домашен производ (БДП) се засновани на фискалната поддршка на владите во рамки на одговорот на последиците од пандемијата.

Во тој контекст, посебно е апострофиран огромниот пакет економски мерки на САД во вредност од 1.900 милијарди долари.

Гопинат додаде дека на подобрите резултати влијаело и закрепнувањето на американската економија, којашто според ММФ би требало да порасне за 6,4%, што е најголема стапка од почетокот на 80-тите години на минатиот век, пренесува Танјуг.

Според нејзе, економскиот раст и понатаму во голема мера ќе зависи од развојот на пандемијата и успехот на вакцинацијата ширум светот.

Фото: Pexels