ММФ: Јавниот долг на Италија е висок

16

Меѓународниот монетарен фонд соопшти дека јавниот долг на Италија е висок и државниот буџет треба да се прилагоди за да се намали.

„Италија е напредна економија со зголемен долг, таа е земја во која, по традиција, постои загриженост за пазарот на обврзници“, изјави директорот на фискалниот оддел на ММФ, Виктор Гашпар,  пренесе АНСА.

Според неговите зборови, ММФ ѝ предлага на Италија корекција на буџетот што би довело до „одржливо намалување“ на јавниот долг.

Буџетскиот дефицит на Италија во 2024 година ќе изнесува 4,3 отсто од БДП, според сегашниот економски и финансиски документ (DEF, Documento di economia e finanza), кој секоја година се доставува до Владата на Италија до 10 април и е главен инструмент за финансиско и економско планирање.

Следната година, според очекувањата на DEF, италијанскиот буџетски дефицит ќе изнесува 3,7 отсто од БДП и ќе падне на три отсто во 2026 година и понатаму на 2,2 отсто во 2027 година.

Економско-финансискиот документ предвидува дека односот на италијанскиот јавен долг кон БДП постепено ќе се зголемува, но нема да надмине 140 отсто од БДП.