ММФ одобри заем од една милијарда евра за Србија

23

mmf

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд постигна договор со српската влада за стенд бај аранжман на 36 месеци за кредит од една милијарда евра.

Програмата на реформи што е договорена со ММФ е тешка, но дава основа за отворање нови работни места и инвестиции, изјави министерот за финансии, Душан Вујовиќ.

“Србија се обврза да се подготви за тешка хируршка операција, аранжманот е како некаква операција на кук, затоа што ако продолжиме вака, ќе накривнуваме уште некое време, а потоа потполно ќе застанеме. Кога тоа ќе го оперираме, ќе можеме нормално да одиме и да трчаме”, објаснува министерот, јавува Танјуг.

Според него, аранжманот е тежок затоа што претставува соочување со проблемите со кои Србија немала храброст да се соочи до сега.

Шефот на мисијата на ММФ за Србија, Зузана Мургасова вели дека економските услови во Србија претставуваат предизвик. Србија има пад на БДП поради поплавите и помалата побарувачка, а високата стапка на невработеност и понатаму е проблем. Дефицитот во буџетот е висок, а јавниот долг расте во последните години.