
Европската економија продолжува да бележи скромен раст и покрај зголемениот број шокови, но нејзиното закрепнување е неизвесно поради високите цени на енергијата, геополитичките ризици и структурните слабости што ја ограничуваат продуктивноста и инвестициите, оцени денес Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во регионалниот економски извештај за Европа.
Летните топлотни бранови и сушата дополнително ги влошија ефектите од скапата енергија, додека американските царини продолжуваат да оптоваруваат европската економија, според извештајот објавен на маргините на годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка во Бангкок.
Дополнително, притисоците врз јавната потрошувачка, особено врз одбраната, растат, а зголемувањето на приносите од државните обврзници претставува дополнителен проблем за економските перспективи.
Енергетскиот шок особено ги погоди земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, чиј раст во голема мера зависи од извозот, додека во некои земји постојните инфлаторни притисоци дополнително се засилија, додава ММФ.
Во сржта на проблемот на Европа е ниската продуктивност, поврзана со недоволниот обем на работење на компаниите и недостатокот на иновации, предупредува извештајот.
Нецелосниот единствен пазар на Европската Унија и пречките на национално ниво им отежнуваат на компаниите да се прилагодат, да ги прошират своите операции и да пристапат до поголем пазар.
Ова ја ограничува нивната ефикасност и ги намалува стимулациите за инвестиции, додека иновациите се претежно постепени и концентрирани во традиционалните индустрии со побавен раст, вели ММФ.











