Соединетите Држави треба да почекаат да ги намалат каматните стапки додека нема појасни докази дека инфлацијата во земјата одржливо се враќа на посакуваните 2 отсто, се вели во извештајот објавен од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Како што е наведено, јасната комуникација ќе помогне да се насочат очекувањата на пазарот во согласност со планираната политика на ФЕД.
„Економијата на САД се покажа силна во изминатите неколку години. Реалните приходи сега се искачија над нивото пред пандемијата. Растот на работните места е особено брз со 16 милиони нови работни места отворени од крајот на 2020 година. Сепак, зголемувањето на приходите и богатството беше нерамномерно, а нивото на сиромаштија е сè уште високо, особено по завршувањето на државната поддршка од ерата на пандемијата“, се додава во соопштението.
Директорите на ММФ истакнаа дека високите фискални дефицити и континуираното зголемување на односот на јавниот долг на САД кон БДП претставуваат ризик не само за САД, туку и за глобалната економија.
Според ММФ, Белата куќа треба да одговори на овие закани со пренасочување на приходите и трошоците, додека дел од фискалните заштеди треба да се инвестираат во програми за намалување на сиромаштијата, се наведува на веб-страницата на организацијата.