
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска објави дека темпото на глобалното економско закрепнување забавува, а новата војна на Блискиот Исток меѓу Израел и палестинскиот Хамас претставува дополнителна закана за светската економија.
Конфликтот фрли сенка врз годишниот состанок на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Маракеш, Мароко, и официјални лица кои планираа да се справат со долгорочните економски последици од пандемијата и војната во Украина сега се соочуваат со нова криза, пишува Њујорк Тајмс.
„Економиите се во деликатна ситуација. Војната воопшто не им помага на централните банки, кои се обидуваат да најдат начин за меко приземјување“, рече претседателот на Светска банка Аџеј Банга на маргините на состаноците во Маракеш.
Високата инфлација и каматните стапки ризикуваат за глобалниот економски раст
Високата инфлација и каматните стапки претставуваат ризик за глобалниот економски раст, се наведува во денеска објавениот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за глобалната финансиска стабилност. Како што се истакнува во документот објавен на веб-страницата на ММФ, овие пукнатини во финансискиот систем би можеле да станат уште посериозни доколку не дојде до таканареченото „меко приземјување“, односно сузбивање на инфлацијата без да започне рецесија. Во извештајот ММФ презентира и нова оценка за ранливоста на глобалниот банкарски систем во ситуација кога каматните стапки се на високо ниво подолго време и предлага мерки за подобрување на регулаторните стандарди.
Извештајот нагласува дека е потребна широка комбинација на структурни и финансиски мерки за да се отклучи приватниот капитал потребен за инвестиции за ублажување на климатските промени на пазарите во развој. Одржливиот економски раст бара и ценовна и финансиска стабилност, тврди ММФ.
Централните банки мора да продолжат со решителна борба против инфлацијата се додека нема јасни докази дека ситуацијата се развива во посакуваната насока, но монетарната политика треба да ја одразува специфичната состојба на одредена земја, се заклучува во извештајот.











