Модерна: Сериозен пад на профитот поради помалата побарувачка за вакцини

36

Американскиот производител на вакцини против Ковид-19 Модерна објави 1,5 милијарди долари нето добивка во последниот квартал од минатата година, што е пад од 70 отсто во однос на истиот период во 2021 година.
Приходите се намалени за 29 отсто на 5,1 милијарди долари. Полошите деловни резултати се резултат на помалата побарувачка за вакцини против Ковид-19.

Истовремено, врз деловните резултати влијаеле и повисоките трошоци, при што оперативните трошоци се речиси двојно зголемени, пренесува германската новинска агенција dpa.

Модерна во последниот квартал одвоила 87 отсто повеќе средства за истражување и развој отколку во истиот период од 2021 година.

Фармацевтската компанија очекува дека приходите од продажбата на вакцината против Ковид-19 ќе изнесуваат најмалку пет милијарди долари оваа година.

„2022 беше уште една импресивна година за Модерна, со повеќе од 19 милијарди долари приход и значајни клинички откритија низ нашето портфолио“, рече главниот извршен директор на Модерна Стефан Бансел при објавувањето на деловните резултати.

Сепак, инвеститорите не беа импресионирани од деловните резултати на компанијата, цената на акцијата падна за два отсто пред отворањето на берзата во Њујорк, пренесува dpa.