Тутунски комбинат Прилеп продолжува со процесот на модернизација и обновување на своите производствени капацитети. Во исто време, продолжува и со позитивните резултати во поглед на откуп на тутун од тутунопроизводителите во прилепско и нивна навремена исплата. Ова е заклучокот од средбата помеѓу техничките тимови на Тутунски комбинат Прилеп и Филип Морис, стои во соопштението.
“За првпат од кога е изградена фабриката започнуваме процес на реновирање на производствената хала од 5.000 метри квадратни. Во истата хала, со помош на Филип Морис, веќе две години е започнат процес на модернизација на производството, а во моментов се инсталира и нова машина за производство на цигари со прогресивен формат. Потпишани се договори за откуп со 3.500 фармери за откуп од околу 3.000 тони на тутун. Бројките и активностите говорат дека се движиме напред и по неколку децении на проблеми, сега со помош на Филип Морис одиме во позитивен правец во создавање на ефикасна фабрика на задоволство на Прилеп и Македонија”, изјави Кирил Станковски, новиот генерален директор на Тутунски комбинат Прилеп.
Чекорите што беа преземени со потпишувањето на стратешкото партнерство помеѓу двете компании веќе почнаа да даваат позитивни резултати. Со подобрување на производствениот погон и инсталирањето на новата машина ќе се овозможи зголемување на капацитетот и обемот на производство на фабриката во Тутунски комбинат Прилеп.
Согласно Договорот за стратешко партнерство на Филип Морис и Тутунски комбинат Прилеп, Филип Морис ќе откупи до 2.000 тони на тутун во зависност од цената и квалитетот. Овој договор за стратешко партнерство доведе до формирање на заедничка компанија ПМТКП, којашто има за цел да се грижи за комерцијалниот аспект на производите, како и за развивање на стратегија. Резултатите покажуваат дека со знаењето и искуството на Филип Морис, како лидер во тутунска индустрија на светско ниво, значително ги подобрија капацитетите на Тутунски комбинат Прилеп.