
Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид доби модернизиран патнички терминал со инвестиција од 2,7 милиони евра. Реконструкцијата опфати зголемување на бројот на шалтери, проширување на просторот за пријавување на патници, унапредување на зоните за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизација на паркингот, како и поставување современа опрема и технологии за побезбедно и поефикасно опслужување на патниците.
Извршниот директор на „ТАВ Македонија“, Серкан Каптан, истакна дека компанијата инвестирала 2,7 милиони евра во унапредување на инфраструктурата и подобрување на искуството на патниците, партнерите и вработените.
Проектот е реализиран без прекин на редовното работење на аеродромот.
Каптан посочи дека досега во македонските аеродроми се инвестирани речиси 300 милиони евра. Според него, во изминатиот период поврзаноста и годишниот воздушен сообраќај се зголемени повеќе од четирипати.
Тој нагласи дека македонските аеродроми во 2026 година се меѓу најбрзорастечките аеродроми во Европа, со раст од речиси 30 проценти во однос на претходната година. Охридскиот аеродром, пак, го забележал најуспешниот јули во својата историја, со нови рекорди и во бројот на патници и во бројот на реализирани летови.











