Мој труд, мои права! Започнува кампањата за информирање за правата од работен однос

45

Започнува кампањата за подигнување на свеста за работничките права: Мој труд, мои права!, која ќе се спроведува во наредните неколку месеци, а чија цел е да ги информира вработените, лицата кои бараат работа, младите и работодавачите за правата и за обврските што произлегуваат од работниот однос.

Кампањата ќе понуди и лесно достапни детални информации поврзани со работничките права, кои се особено важни во услови кога пандемијата со КОВИД-19 го промени нашиот свет и светот на работата на начини кои претходно тешко беа замисливи.

Mинистерката за труд и социјална политикa, Јагода Шахпаска, го искажа своето уверување дека “Да се бори за своите права, да бара заштита на правата, може само оној кој е добро информиран и добро запознаен со своите права.  И затоа, јас лично сметам дека токму оваа кампања за подигнување на свеста која сега ја започнуваме и ја промовираме со оваа прес конференција, Мој труд, мои права! ќе биде од големо значење за уште подобро информирање и запознавање со работничките права и обврски“.

Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, нагласи дека Мој труд, мои права! е чекор напред во развојот на земјата. Оваа кампања е одличен пример на унапредување на социјалниот дијалог, каде релевантите чинители, јавните институции, приватниот сектор и синдикатите, преку Економско-социјалниот совет, работат заедно на справување со заедничите потреби и интереси.

Директорката на Државниот инспекторат за труд,  Јована Тренчевска, истакна дека “Државниот инспекторат за труд е еден од главните чинители во процесот на сузбивањето на неформалната работа. Инспекцијата за труд има двојна улога – од една страна таа го контролира спроведувањето на законските одредби а од друга страна нејзината функцијата е превентивна и едукативна. Почитувањето на правата од работниот однос мора да биде приоритет и обврска на секој работодавач”.

Во однос на аспектот на работодавачите кон оваа проблематика, Претседателот на Организацијaта на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, посочи дека “Оваа медиумска кампања за подигнување на свеста е многу значајна и за работниците и за работодавачите. За работниците да може да се информираат кои се нивните права и како да ги бараат, а за работодавачите да сфатат дека мора да ги почитуваат тие права, ако сакаат да ги задржат добрите работници.”

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски, апелираше дека “Само синдикатите се оние кои имаат целосен легимитет да ги претставуваат работниците, имаат знаење и способност да се борат за правата на работниците и за нивното достоинство. Како репрезентативен синдикат, ССМ секогаш се залага работниците да бидат целосно информирани, што е цел и на оваа кампања, оспособени и обучени за своите работнички права, како и за препознавање на нарушувањата и злоупотребите на начинот и постапката за нивно целосно остварување.”