Мојсоска Блажевски: Ниту 2021 година нема да биде “нормална“ година

84

Извршниот директор на Македонија 2025, Никица Мојсоска Блажевски не го споделува оптимизмот на Владата дека планот “Шанса за сите“ ќе значи справување со вкупниот број лица кои изгубија работа поради последиците од вирусот Ковид-19. Тврдењето го аргументира со едноставна пресметка која ја покажува противтежата меѓу Оперативниот план со предвиденото вклучување на 12.696 лица во мерките за вработување и ланската ситуација кога бројот на невработени се зголеми за 50.000 лица.

Оттука, според Мојсоска, “констатацијата дека Планот ќе се справи со лицата кои останаа без работа поради Ковид-19 е пресилна и неточна“.

Се оградува од дилемите дека преку него ќе се субвенционираат вработувања по етнички клуч и вели: “Планот експлицитно не предвидува поддршка на вработувањата по етнички клуч, но се надевам дека како пракса ќе преовлада системот базиран на квалитет за кој толку се боревме што сега е дегутантно да го уриваме самите“.

Важноста на системот го посочува и во контекст на потребата на засилување на активностите за привлекување потенцијални инвеститори.

“Во изминатиов период се изгубивме од мапата на потенцијалните инвеститори или ја изгубивме битката со земјите во опкружувањето. Така што, препораката е да ги засилиме активностите на тоа поле, има позитивни поместувања, но важен е системот, а не поединци. Мора да воспоставиме систем за привлекување на инвеститори кој е предвидлив и стабилен, и секако да ја намалиме корупцијата како една од поголемите проблеми во општеството. И, да не ги заборавиме домашните инвестиции. Во тек се измени на Закон за финансиска поддршка на инвестиции кои се во добра насока, така што би очекувала позитивни поместувања и на тој план (иако сепак треба да се има во предвид реалноста со Ковид -19)“, посочува Мојсоска за Стандард.

Останува на ставот дека во април ќе имаме подобра слика како ќе тече годината, и на здравствен и на економски план. Засега, сосема е извесно дека ниту 2021 нема да биде “нормална“ година, вели Мојсоска Блажевски.

Фото: Facebook