Моќна порака од моќна жена: Која е Арлан Хамилтон?

0
1

Афроамериканка, геј и бездомник, која е жената што раководи со најголемиот Инвестициски Фонд на САД?

Њујорк овој месец беше во знакот на виножитото и гордоста. Њујорк е град каде сум живеела и работела во неколку наврати, но никогаш не сум го видела толку обединет. Дали е поради снимката од две геј девојки кои беа нападнати во Лондонското метро само затоа што одбиле да се бакнат за да бидат мета забава за група мажи? Не знам. Но, енергијата што ја имаше овој град во знакот на PRIDE, не можам ни одблиску да Ви ја доловам. Сите модни брендови, од Gucci до Nike до шминкерките во Сефора ги носеа боите на виножитото на себе или на своите излози.

Имам пријатели кои се геј, но никогаш отворено не сме зборувале за тоа. Не прашувам јас, не одговараат они, најверојатно бидејќи живееме во едно малку поинакво општество. Но, оваа девојка која беше воедно една од гостите на Forbes Women самитот во Њујорк, отворено зборуваше за се.

Израсната како бездомник, морала да работи се за да преживее. Арлан Хамилтон  е афроамериканка и основач на Backstage Capital, една од најголемите инвестициски фирми во САД каде што се инвестирани над 100 милијарди долари.

Интересно беше дека на почетокот спомна дека белец ја внел во бизнисот и и бил прв партнер во Фондот. Исто така Арлан е првата жена која е отворено геј и раководи со фонд за ризични инвестиции (venture capital). Она по што се раководи цел живот и што ја донело во позицијата на која е тоа што е секогаш искрена со самата себе.

“Секогаш знајте кој сте и што сте. Сакате да зборуваме за тоа зошто 90% од позициите во фондовите ги држат мажи? Ајде да зборуваме за тоа. Јас сум афроамериканка, геј и пораснав како бездомник, ама исто така сум и твојот следен инвеститор ако имаш добра идеја.”

Арлан сака да ги промени работите, всушност вели дека првиот човек кој инвестирал во нејзиниот фонд е токму жена.

“Ние како жени мораме да се поддржуваме, да создадеме заедници. Ако има 50 мажи во една соба и 50 жени, сите 49 мажи ќе работат за да му помогнат на тој 1, а жените ќе си ги извадат очите меѓу себе. Зошто да постојат индустрии каде мажите се доминантни, а жените се борат за место на масата? Да градиме еднакви општества за генерации кои ќе бидат горди.“

За Бизнис Инфо од Forbes Women Summit, Аријана Коскарова, коосновач на Creative Hub & Forbes Under 30 2019 Europe