Моќта на прашањата

33

prasalnici

Фото: Pixabay

Поттикнат од една случка на ќерка ми, каде што ѝ било срам да постави прашање, па поради тоа не ја разбрала задачата и автоматски лошо поминала на тестот, увидов дека кога поголемиот број луѓе се срамат да постават прашања, а и оние што не се срамат, на некој начин ги потиснуваме во таа идеја. Да биде уште пострашно, од мали нозе не учат или ги учиме децата дека поставувањето прашања е срамота или е непотребно и во тој случај што да очекуваме кога ќе пораснат тие деца!

Напротив, да се постави прашање е многу убава работа и за тоа сме пишувале повеќе пати. Еве ви само неколку примери каде што со прашања ќе можете да:

  • Запознаете подобро со соговорникот или со ситуацијата – и да знаете со кого разговарате и за што разговарате. Прашањата тука се од општа природа и се чисто информативни.
  • Имате контрола – со прашања ја контролирате ситуацијата во разговорот и добивате повеќе информации. Со самото тоа што вие поставувате прашања кон соговорникот, автоматски вршите притисок врз него/нејзе да одговори (не секој сака да одговори на прашања) така што ја владеете ситуацијата.
  • Подобро слушате – ги развивате способностите на слушање, нешто што многу малку луѓе кај нас и околу мене го имаат. А дополнително на тоа, ако не ви се зборува, со поставување на прашање, зборувањето го префрлате кај соговорникот. Отворените прашања тука се повеќе од добредојдени.
  • Мислите – со поставување на прашања активно учествувате во конверзацијата и ситуацијата и тоа ве тера да мислите и да бидете постојано ментално активни.
  • Го уверите  соговорникот – со поставување на т.н. реторички прашања дека сте во ситуација да го уверите соговорникот во исправноста на тоа што го зборите.
  • Развивајте комуникациски вештини – поставувањето на прашања е најубава алатка за развој на овие вештини. Со секое прашање, приморани сте да размислувате, зборувате и да слушате.
  • Продадете услуга или производ – не малку сме кажале дека што повеќе прашања, полесно ќе можете да дознаете што е вистинската потреба на вашиот клиент, партнер, соговорник и полесно ќе можете да го најдете решението за нивната потреба, а со тоа и да понудите и да продадете услуга или продукт.
  • Развиете лидерски способности – и да го контролирате вашиот тим , но и да ја владеете ситуацијата во која сте или ќе бидете, а вашиот тим навремено да ги извршува работите.
  • Решите проблем – да дознаете што е проблемот и зашто се случил и да ви овозможи полесно да го решите или да најдете некое решение кое ќе биде задоволително за двете страни.
  • Го менаџирате времето – да дознаете до кога треба некоја работа да се заврши или кога треба да бидете на некое место.
  • Приоритизирате – со поставување на прашање ќе може да донесете одлука, која работа е приоритетна од другата.

Како што можете да видите, прашањата имаат влијание во многу аспекти од нашите животи (приватни или професионални), а ние уште од самиот старт им велиме на децата дека е срамота да поставуваат прашања. Поставувајте прашања што повеќе и поттикнете го тоа кај другите околу вас, ќе видите кави промени ќе се случат кај вас и во околината.