Монетарната политика на Народната банка е соодветен одговор на предизвиците со кои се соочува домашната економија

15

Народната банка досега соодветно одговора на тековните предизвици, кои се последица на глобалната криза, преземајќи мерки во насока на постепено нормализирање на монетарната политика, заради одржување на среднорочната ценовна стабилност. Ова е од особено значење во услови кога глобалната економија се соочува со повеќе големи предизвици – највисоката инфлација во изминатите неколку децении, руската инвазија на Украина, заострувањето на глобалните финансиски услови и се уште присутните закани од пандемијата. Монетарната политика треба да одговори одлучно на ценовните притисоци, а притоа во предвид да ги има неповолните изгледи за економскиот раст и ризиците за финансиската стабилност. Ова бара одлучна, но истовремено внимателна и избалансирана монетарна реакција. Ова се главните заклучоци од состаноците кои гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и вицегувернерката Ана Митреска  ги остварија со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во рамки на Годишните средби на ММФ и Светската банка, во Вашингтон, САД.

Делегацијата се сретна со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, а беа одржани  и одделни состаноци со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со шефицата на мисијата на ММФ, Бергљот Баркбу. ММФ ќе продолжи да ја поддржува Народната банка за натамошно унапредување на системот за девизни интервенции и стрес тестирање за што беше разговарано на состанокот со Одделот за монетарна политика и пазари на капитал.

Гувернерката на Народната банка, посочи дека од крајот на минатата година преку своите монетарни операции Народната банка започна со нормализација на монетарната политика, додека од април досега, во неколку наврати е зголемена основната каматна стапка. Ова беше поддржано и со дополнителни мерки, односно промени кај инструментот задолжителна резерва насочени кон намалување на евроизацијата, како и со системски мерки, односно со воведување противцикличен заштитен слој на капиталот од 0,5%, со што дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем. Од ММФ оценија дека монетарната политика која ја води централната банка е соодветна, имајќи ги предвид глобалните фактори на понудата што ја движат домашната инфлација. Сепак со оглед на пренесените ефекти и подигнувањето на инфлациските очекувања и на овие состаноци беше нагласена потребата за водење на претпазливи домашни политики. Воедно, акцент беше ставен и  на стабилноста на банкарскиот сектор, што е во кондиција да ја поддржи домашната економија, а притоа има капацитет да се справува со евентуалните поголеми шокови. Ова е уште еден столб на поддршка за економското заздравување и одржување на вкупната макроекономска стабилност.

На средбата со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, беше дискутирано и за одобрувањето на Кредитната линија за претпазливост (ПЛЛ), која е во завршна фаза. Станува збор за инструмент кој обезбедува ликвидност за надминување одредени шокови и предизвици за време на кризни епизоди. Овој инструмент им се доделува на земји коишто имаат здрави економски фундаменти и практикуваат здрави макроекономски политики. Во процесот на одобрување на ПЛЛ беше направена оцена на повеќе сегменти од работењето на централната банка, меѓу кои и на монетарната политика, платнобилансната позиција, супервизијата на финансискиот сектор, како и на соодветноста на статистичките податоци. За сите сегменти Народната банка доби висока оценка.