Морган Стенли: САД би можеле да избегнат рецесија во 2023 година, но Европа не

13

Економиите на Велика Британија и на еврозоната најверојатно ќе западнат во рецесија следната година, но Соединетите Држави би можеле за влакно да избегнат благодарение на отпорниот пазар на трудот, соопшти инвестициската банка Морган Стенли.

Очекуваното повторно отворање на Кина по речиси три години мерки против ковид-19 треба да резултира со закрепнување на нејзината економија, како и на другите азиски пазари во развој, проценуваат аналитичарите на инвестициската банка.

За 2023 година предвидуваат раст на глобалната економија од 2,2 отсто, што е под најновата процена на Меѓународниот монетарен фонд за раст од 2,7 отсто. За следната година, Морган Стенли предвидува поделба меѓу развиените економии „во рецесија или блиску до неа“, додека економиите во развој „скромно ќе закрепнат“.

Се проценува дека кинеската економија следната година ќе порасне за пет отсто, над очекуваниот раст од 3,7 отсто за пазарите во развој, додека просечниот раст во групата 10 развиени земји се предвидува со стапка од само 0,3 отсто.

Централните банки низ светот ги зголемија каматните стапки оваа година за да ја ограничат инфлацијата. Морган Стенли проценува дека во САД Банката на федерални резерви ќе ги задржи високите стапки во 2023 година бидејќи инфлацијата ќе остане висока откако ќе го достигне врвот во четвртиот квартал од оваа година.

„Американската економија за влакно ќе избегне рецесија во 2023 година, но приземјувањето поради значителното забавување на растот на вработеноста нема да биде толку меко, додека стапката на невработеност ќе продолжи да расте“, се вели во извештајот, кој предвидува раст на БДП на САД од 0,5 проценти во следната година.

„Кумулативниот ефект на строгата монетарна политика во 2023 година ќе се прелее и на 2024 година, што ќе резултира со две многу слаби години“, се додава.

На глобално ниво, врвот на инфлацијата треба да дојде во последниот квартал од оваа година, пишуваат аналитичарите, „со намалување на стапките на инфлација, што ќе ја води приказната следната година“.