Москва губи 160 милиони евра дневно

83

Плафонот на цената на руската сурова нафта, наметнат од западните земји, ја чини Москва околу 160 милиониевра дневно, според Хелсиншкиот центар за истражување на енергија и чист воздух (CREA). Дневната загуба за Русија ќе се зголеми на 260,5 милиони евра од 5 февруари, кога ограничувањето ќе важи и за нафтените деривати.

Според CREA, натамошното намалување на ценовниот плафон од 60 на 25 до 35 долари за барел би го намалил приходот на Русија за уште 200 милиони евра дневно, пренесува Комерсант. CREA наведува дека Русија испорачала сурова нафта во вредност од 3,1 милијарди евра на бродови од земјите опфатени со ограничувањето на цената, пренесува Бизнис.рс.

Анализата на CREA покажува дека ембаргото на нафтата на ЕУ и плафонот на цената имаа значително влијание врз приходите на Русија, како што се очекуваше. Ембаргото на ЕУ за прекуокеански испораки на нафта од Русија е во сила од 5 декември, а од истиот ден е во сила и горната ценовна граница од 60 долари за барел што ја поставија земјите од Г7.

Рускиот претседател Владимир Путин го забрани снабдувањето со нафта и нафтени деривати на земјите кои применуваат ценовни ограничувања. На 9 јануари Русија продаваше нафта по цена од 42,19 долари за барел. Ограничувањето на цената ја направи Русија позависна од нејзините нови главни клиенти, Кина и Индија.

Западните земји ќе воведат ценовни ограничувања на рускиот дизел, керозин и мазут на 5 февруари, со цел дополнително да ги намалат приходите на Москва од извозот на енергија, пренесува Ројтерс. Ограничувањето на цената на руските нафтени деривати е покомплицирано од ограничувањето на цената на нафтата, бидејќи има многу деривати, а нивната цена зависи од тоа каде се купуваат, а не од тоа каде се произведуваат.