МОТ: Во светот се изгубени 495 милиони работни места

40

Приходите од труд во време на пандемијата во првите девет месеци од оваа година се намалени за 10,7 % на светско ниво или 3.500 милијарди долари, се вели во најновиот извештај на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Износот не вклучува субвенции за плати со кои владите ги компензираат работниците за загубите поради стопирањето на деловните активности за време на пандемијата и одговара на 5,5 % од глобалниот бруто домашен производ (БДП) во периодот од јануари до септември 2019 година, соопшти МОТ.

 

Затворањето на бизнисите продолжува да ја нарушува состојбата на светските пазари на труд, што резултира со поголема загуба на работното време, отколку што првично се проценуваше, стои во шестото издание на извештајот на МОТ за ефектите од пандемијата врз трудот.

Работниците во економиите во развој, особено оние кои се вработени на црно, се погодени многу потешко отколку во претходните кризи. Тие додаваат дека бројот на вработени жени бележи поголем пад одошто кај мажите.

Само во вториот квартал се загубени 17,3 % од работните часови, што е еквивалентно на 495 милиони работни места со полно работно време, пресметале во МОТ. Во претходниот извештај, тие проценуваа дека се изгубени 14% од работните часови или 400 милиони работни места.

Тие очекуваат 12,1 % загубени работни часови во третиот квартал, што е еквивалентно на 345 милиони работни места.

Фото: Pixabay