Може ли да се “изгори” од работа?

76

ckorce

Фото: Pixabay

Сé повеќе работа и замор, а сé помалку енергија и одмор. Вака се опишуваат голем број од вработените луѓе и што е најзагрижувачки – не го гледаат крајот.

Кога работата ќе ве преплави и имате впечаток дека сé треба да завршите до утре, слабо спиете, притисокот е огромен, а телефонот не престанува да ѕвони, тоа што можам со сигурност да ви кажам е дека не сте единствени. Токму затоа се одлучив да пишувам на оваа тема и да ви дадам можност свесно и информирано да тргнете во потрага по себе, своите потреби и задоволства кои ви го чинат животот убав и квалитетен.

Ќе зборувам за Burnout – синдромот на прегорување на работа.

Информациите кои во овој текст ќе ги изнесам се добиени од релевантни истражувања на психолози и психијатри спроведени во Македонија и пошироко на Балканот, бидејќи се смета дека по менталитет и деловно функционирање сме со слични ставови.

Burnout се однесува на состојбата на психичка и емоционална исцрпеност која води кон намалена продуктивност на работа, но и кон намалување на квалитетот на живеење. Тој означува прогресивен губиток на енергијата, идеалите и смисла за сопствената работа. Се јавува како последица на фрустрација и стрес на работното место, но и поради некоординираност на идеите, целите и задачите кои работата ги носи. Ваквото работно опкружување прави личноста да е постојано изложена на напнатост во обидите успешно да ги исполни задачите и доколку во тоа не успее ќе се јави незадоволство, анксиозност и стрес, а како последица на сето тоа – синдромот на прегорување на работа.

Burnout е во голем пораст во современото општество и се должи на зголемување на обемот на работа, на прекувременото работење и на притисокот да ги балансираме работата, семејството и социјалниот живот.

Најчести причини

Карактеристики на работата

Обемот на работа

Долготрајна изложеност на стрес

Неможност за контрола на работата

Прекувремена работа

Конфликти со колегите

Преголеми очекувања

Неадекватно користење на способностите и вештините на работникот

Овој синдром најчесто се забележува кај професиите кои се поврзани со социјални контакти, висока одговорност и напорна работа. Се јавува кај личности кои фунционираат сосема нормално и никогаш порано не се соочиле со психички пореметувања. Незабележително почнуваат симптомите кои се изразуваат низ физичка, емоционална и ментална исцрпеност. Емоционалната исцрпеност е последица која се појавува заедно со физичката исцрпеност. Главна карактеристика е чувството на замор и недостатокот на сила и воља за работа. Деперсонализација се одликува со негативен и циничен однос кон клиентите и колегите. Личноста се дистанцира физички и емотивно, па станува незаинтересирана и нетрпелива во поглед на потребите на клиентот. Губење на способностите за работа се јавува постепено низ чувствата за неуспех на работното место и недостаток на компетентност за истото. Личноста негативно се вреднува себе и својот успех, се намалува продуктивноста и ефикасноста и смета дека не е способна да ја извршува работата.

Симптоми

Исцрпени сте и постојано чувствувате замор

Имате намалена ефикасност и потешкотии во концентрацијата

Имате несоници и ноќни мори

Покажувате знаци на депресивност

Се чудите на вашиот безличен однос со колегите

Страдате од главоболка, болки во грбот и градите, проблеми со желудникот

Анксиозности сте и експлозивни

Се изолирате, песимистични сте, имате чувство на безнадежност и губиток

Како доаѓа до прегорување

Појавувањето на симптомите има свој редослед по кој се јавува синдромот на прегорување од работа.

1. Ентузијазам – максимално посветени на работата, исполнети и подготвени за секоја работна задача, весели и љубезни со колегите;

2. Стагнација – се воочува дека сепак не е се така совршено, претпоставениот поставува сé повисоки и потешки задачи, останувате на работа прекувремено, работите напорно и сфаќате дека работата не се исплати ни финансиски ни социјално бидејќи имате потешкотии во односот со колегите и клиентите, но и со семејството и пријателите.

3. Изолација, разочарување – во овој стадиум почнуваат првите симптоми на телесна исцрпеност што претставува дополнителен стрес. Чувството дека сте во затворен круг влијае врз хроничниот умор и анксиозност, за овие случувања вината се бара во другите, најчесто во претпоставениот,  почнуваат отворените конфликти, сонот се почесто го нема и депресивното чувство станува секојдневие.

4. Апатија и губење на животните интереси – се одликува со рамнодушност, хронично незадоволство, ниска самодоверба и постојано чувство на неуспех. Животот се чини дека е бесмислен, а не сме способни да промениме ништо  и стануваме сé поочајни. Доколку дојдете до оваа фаза потребно е лицето да се консултира со психолог или психотерапевт бидејќи истата може да остави трајни последици

Иако звучи безнадежно, сепак постојат техники кои може сами да ги применувате и да ја спречите појавата на burnout. Индивидуалните карактеристики на личноста имаат најголемо влијание врз избор на техниката, но како и да е, првиот чекор кон справување со состојбата е свесноста дека навистина ни се случува burnout.

За соочување со прегорувањето најнапред потребно е да се препознае стресорот во работната околина и да се преиспита неговата поврзаност со вашата анксиозност и депресивност. Потоа корисно е да се информирате за процесот на burnout и да ги согледате можностите за избегнување на влез во следната фаза. Доколку се случат сите последователни фази, неопходно ќе биде да одвоите време за опоравување.

Како може да се избегне

Направете проценка на стресната ситуација и можноста за нејзино избегнување

Асертивност – научете љубезно да кажете НЕ

Променете го ставот кон работата, поставете граници

Бидете свесни за своите можности во рамки на работното време

Концентрирајте се на работата и аргументите

Дозволете си близок однос со еден или двајца колеги

Побарајте супервизија

Направете добар план и организација

Не го заборавајте социјалниот живот

Здравиот начин на живот ќе ви помогне да ја одржите отпорноста на лошите влијанија од работата и стресот. Составни делови на доброто психичко здравје се животната радост и доброто расположение кои се надополнуваат со семејството и работата. Кога контролата почнува да ви бега од раце во овие два аспекта, добро е да се потсетите на некои корисни вештини и да останете во хармоничен однос со семејството, работата и со самите себе.

Одржување на балансот

Применувајте  здрав стил на живеење

Смејте се и негувајте ја смислата за хумор

Намалете ја количината на кофеин и никотин

Користете здрава исхрана

Негувајте хоби

Редовни прошетки и физичка активност можат да ве релаксираат

Направете добар распоред на одмор и спиење

Избегнувајте непотребни активности

Подзастанете и направете одмор

Поделете ги обврските

Пронајдете ја границата на толеранција на стрес

Запознајте се себе си и своите способности

Побарајте помош од стручно лице

Во кратки црти

Синдромот на прегорување од работа настанува како последица на долготрајна изложеност на стрес на работното место, најчесто кога личноста има големи очекувања и ентузијазам. Симптомите се слични како кај стресот, но со карактеристична емоционална исцрпеност, негативен став кон работата и животот. Колку е поголема поддршката меѓу колегите и организираноста на работата и времето, толку е поголема веројатноста дека ќе се избегне burnout или ќе се препознае ризикот во рана фаза. Кулминација на симптомите значи потреба од стручна помош, психотерапија и посветено време на сопственото психичко и физчко здравје.