Можe ли Европа да си создаде свој Amazon?

46

Францускиот претседател, Емануел Макрон, претстави амбициозен план Европа до 2030 година да создаде 10 технолошки гиганти вредни 100 милијарди евра.

Меѓу коментарите е дека тоа е “обид европските компании да се изборат со американските коишто доминираат во тој сектор“, но некои сметаат дека Европа уште не е подготвена за тоа.

Во технолошки сегмент, нема водечки европски брендови, доминантни не само во Европа, туку и во светот. Иако во Европа постојано се зборува за иновации, реалноста е дека американските и кинеските компании доминираат во светот на иновативноста, а Европа не е ни близу до нив.

Според податоците на Statista, најголеми технолошки гиганти се: Apple, Microsoft, Google, Tencent, Facebook, IBM…, што јасно ја покажува американската доминација. На седмо место се најде германски ЅАР, којшто развива ИТ производи за компании, чија вредност се проценува на 58.000 милијарди долари.

Токму поради тоа, идејата на Макрон се става под знака прашалник. Едни велат дека европскиот екосистем не е мотивиран на ист начин како и американскиот и кинескиот, додека други велат дека во овие земји има повеќе талент или капитал.

Експертите укажуваат дека во прашање најверојатно е подготвеноста за инвестиции и рекламирање. На пример, Amazon во текот на минатата година инвестираше околу 22 милијарди долари за рекламирање, што ја прави најголем потрошувач за реклами. Се проценува дека скоро 2% од светските инвестиции во реклами ширум светот се сконцентрирани во компаниите чиј основач е Џеф Безос.

ИТ секторот во САД претставува околу 3,3% од бруто домашниот производ, во Кина е 2,16%, а во Европа 1,6%. Во истражувања и развој најголем удел во БДП има Јужна Кореја (4,8%), САД (2,8%), Кина и Европа (по 2,1%).

Не треба да се заборави дека САД заземаат силна позиција во ИТ индустријата со создавање на компании како што се IBM, HP, Intel, Motorola, а коишто се создадени за развој на воената индустрија. На тоа се додава и инвестициониот менталитет на САД, но и огромниот број на таленти што ги произведува единствениот универзитетски систем во светот. Од 10 најдобри факултети во светот, дури осум се од САД. Европа сè уште ја нема таа традиција во промовирање иновации, но и во пренесување на знаење меѓу образовниот систем и компаниите, анализира Biznis.rs.

Се проценува дека Макрон, претставувајќи ја својата идеја, го имал на ум трендот којшто веќе некое време постои во технолошкиот свет во Америка. Големите технолошки центри, како што е Сан Франциско, стануваат премногу скапи, па фирмите се селат на нови локации.

Фото: Pixabay