Мрачни прогнози: Прекините на струја во Европа може да го оневозможат користењето мобилни телефони

151

Мобилните мрежи во Европа би можеле привремено да останат без струја оваа зима доколку владите одлучат да ја ограничат потрошувачката на енергија, предупредуваат извори од телекомуникацискиот сектор, кој ги проверува залихите на генераторите и размислуваат за батериите.

Претставниците на телекомуникацискиот сектор стравуваат дека тешката зима може да ја тестира европската телекомуникациска инфраструктура и да ги принуди владите да се обидат да ги ублажат ефектите од намалувањата.

Во моментов, многу европски земји немаат доволно резервни системи за да се справат со големите прекини на струја, велат четворица директори на телекомуникациите, што би го оневозможило користењето мобилни телефони.

Земјите од Европската унија, вклучително и Франција, Шведска и Германија, се обидуваат да обезбедат нормална комуникација, дури и кога прекините ги трошат резервните батерии на илјадници мобилни предаватели.

Европа има речиси половина милион предаватели, а повеќето од нив имаат резервни батерии кои траат околу 30 минути.

Во Франција, плановите наведени од дистрибутерот на електрична енергија Енедис вклучуваат потенцијално исклучување до два часа во најлош случај, според два извори запознаени со ова прашање.

Струјата би била целосно исклучена само во одредени делови од државата, според принципот на ротација.

Намалувањата ќе ги поштедат основните услуги како што се болниците, полицијата и владата, велат изворите.

Владата, телекомуникациските оператори и Енедис, оддел на државната комунална компанија ЕДФ, разговараа за ова прашање во текот на летото, соопшти француската влада и извори.

Телекомуникациските компании во Шведска и Германија, исто така, изразија загриженост до нивните влади за потенцијални прекини на електричната енергија, велат неколку извори запознаени со ова прашање.

Шведскиот телекомуникациски регулатор PTS рече дека работи со компаниите и другите владини агенции за да се најде решение.

Тема на разговор е планот за рационализација на потрошувачката на електрична енергија, пишува Јутарњи.хр.

PTS го финансира купувањето на генератори и мобилни базни станици за можни подолги периоди без струја, рече портпаролот.