Муцунски: Се соочуваме со рекорден број на нарачки на возила, но неспорен е и застојот во испораките

331

Застојот во испораката на возилата  како прва видлива последица од  глобалниот проблем  со недостиг на микрочипови не го заобиколи  македонскиот пазар. Рокот на испорака, кој во зависност  од производителот се продолжи на дополнителен период од неколку месеци , па се до една година, спротивно на очекувањата  не само што  не влијаеше врз побарувачката, туку неколкукратно ја зголеми.

Во интервју за Локално генералниот директор на Порше Македонија  д-р Златко Муцунски посочува дека сите брендови на Групацијата Volkswagen бележат глобален рекорден раст и во бројот на испорачани возила во првата половина од годината и во бројот на нарачките во однос на минатата година.

“Ние се соочуваме со рекорден број на нарачки на возила, но неспорен е и застојот во испораките на возилата, поради глобалниот проблем со полупроводници. За специфични нарачки по структура и обем, кај различните брендови, во моментот е реално да се очекуваат за два до шест месеци подолги рокови на испорака од вообичаените. За останатиот, најголемиот дел од барањата на купувачите, времето на чекање е исто или до 3 месеци подолго“, вели Муцунски.

Според него, конечно решение на проблемот со испораките може да се очекува некаде на пролет бидејќи во периодов сите производители на чипови забрзано го прошируваат своето производство. Во однос на стравувањата дека е можно поскапување на автомобилите со оглед на  недостигот на чипови, но и поради зголемената цена на сировините во Порше Македонија посочуваат дека Volkswagen  исклучително многу води сметка да се заштити од ценовните шокови од страна на снабдувањето , но и дека „Групацијата не исклучува и нужна мерка за прилагодување на цените како резултат на глобалната паника за компоненти“.

На прaшањето дали Македонците се одлучуваат за електрични возила, Муцуски вели дека трендот е јасен и иднината е електрична.

“Многу производители на автомобили се обврзаа да ја спроведуваат т.н. зелена агенда и до 2030 година да произведуваат значително повеќе електрични возила отколку возила со мотори со внатрешно согорување. И токму на ова поле Volkswagen Групацијата дефинитивно ќе ја одигра својата најголема улога и ќе ја одреди иднината на автомобилите која ќе биде главно електрична, додека мал број на возила кои се икони на автомобилскиот свет (како на пример Porsche 911), ќе се движат на синтетичко гориво кое во моментот интензивно се развива. Нашите купувачи се познати по брзо прифаќање на новите трендови. Ние во Порше Македонија секогаш имаме актуелна понуда. Со задоволство можеме да кажеме дека Македонците почнаа да ги препознаваат предностите на електричните возила и ние нив ги испорачуваме во континуитет. Нашите планови за испораки на вакви возила за тековната година се практично остварени. За следните години се подготвуваме за зголемена побарувачка. Иднината е електрична и отпорот кон таквата иднина е залуден“, вели Муцунски.