
Деновиве, златото повторно е во фокусот – неговата цена надмина 3.100 долари за унца, предизвикувајќи нова „златна треска“ низ целиот свет.
Со златото нема грешка, особено кога станува збор за инвестирање. Овој благороден метал бележи рекордни вредности на берзата во последниве години, па сè повеќе граѓани на Македонија го избираат инвестициското злато како начин за штедење и во крајна линија, зголемување на своето портфолио, односно својот буџет.
Како што велат експертите, во сегашното економско опкружување, каде што економскиот раст е нестабилен, а повеќето економии се опоравуваат од рекордната инфлација, златото стана многу атрактивна инвестиција.

За тоа дали во последниве месеци има зголемен интерес за златните продукти одговори побаравме од УНИБанка првата банка на македонскиот пазар која ја воведе услугата увоз и тргување со инвестицискo злато, што вклучува тргување со златни плочки и монети.
Оттаму велат дека последните месеци има зголемен интерес кој се рефлектира и на глобално ниво преку порастот на цената на златото и среброто на светската берза, односно зголемениот интерес на светско ниво се рефлектира и кај нас.
„Интересот за инвестициско злато и сребро расте во континуитет од воведувањето на продажбата и откуп на златни и сребрени продукти преку експозитурите на УНИБанка. Секако, последните месеци има зголемен интерес кој се рефлектира и на глобално ниво преку порастот на цената на златото и среброто на светската берза, односно зголемениот интерес на светско ниво се рефлектира и кај нас. Колку за илустрација, цената на златото на светските берза изразена во евра од почетокот на 2025 година до 31.3.2025 е порасната за 15,3%, додека овој раст од почетокот на 2024та година до 31.3.2025 е 54,5%. Овој раст го класифицира златото како една од најдобрите инвестиции на финансиските пазари во изминатиот период“, велат од УНИБанка.
Дали македонските граѓани се добро запознаени со предностите на инвестициското злато?
“Златото и среброто имаат посебно место во вековната култура и традицијата на македонскиот народ, и како средство за плаќање и штедење, но и златниците како пригоден дар во многуте традиции кои ги практикуваме со векови. Токму таа традиција придонесува кај македонските граѓани за носење на информирани одлуки да дел од своите заштеди ги инвестираат во инвестициско злато или сребро преку купување златни и сребрени продукти во физичка форма во експозитурите на УНИБанка. Она што е најважно во носењето на таквата одлука е сознанието дека инвестициското злато се купува во физичка форма со голема чистота и егзактна тежина, и истото може да се продаде во било која експозитура на Банката по цена која е дефинирана од вредноста на благородните метали на светската берза во моментот на продажба. Сметаме дека постои голем потенцијал граѓаните сѐ повеќе да го вклучуваат инвестициското злато во своето портфолио на инвестиции односно заштеди и како Банка ќе продолжиме да едуцираме за карактеристиките на оваа можност“, наведуваат од УНИБанка.
Кој повеќе купува физички лица или компании?
“И покрај тоа што поизразено е купувањето од страна на физичките лица, во тоа не изостануваат ниту компаниите кои имаат вишок на ликвидни средства кои сакаат да ги оплодат на среден или долг рок или пак ги одбираат златните продукти како најсоодветен подарок за своите вработени за разни пригоди. Во популарноста на инвестициското злато кај компаниите и граѓаните влијание има и фактот дека продуктите од злато се ослободени од данокот на додадена вредност (ДДВ)“, велат од банката.
Совет за новите инвеститори кои сакаат да се вклучат во тргувањето со злато?
„Кога зборуваме за инвестициски или штеден продукт, советите секогаш треба да бидат во согласност со целите, можностите, апетитот за ризик на клиентот како и неговите ликвидносни потреби на краток, среден и долг рок. Она што ја движи цената на златото традиционално е постоењето на одредена нестабилност или неизвесност која во моментот ја креира економската и геополитичката ситуација во светот. Дополнително, како и кај секоја берзанска стока, цената на златото е под влијание на неговата понуда и побарувачка. Во смисла на понудата, знаеме дека благородните метали се ограничен ресурс па така нивната понуда е ограничена од капацитетот на минералните богатства во рудниците, додека пак побарувачката во последниот период е висока како под влијание од централните банки кои вложуваат дел од девизните резерви во злато, така и од останатите инситуционални и индивидуални инвеститори кои бараат заштита на своите средства од високата инфлација и се одлучуваат да инвестираат дел од своите портфолија во благородни метали. За некој што допрва почнува со инвестиции секако важи еден од основните принципи на инвестирање, а тоа е диверзификација на ризикот. Во тој контекст, движењето на цената на златото и среброто на долг рок ја потврдуваат тезата дека овој тип на инвестиција ја оддржува куповната моќ на средствата и важи за еден од најсигурните начини на штедење во услови на висока неизвесност на пазарите на капитал“ истакнуваат од УНИБанка.
Зошто златото е толку вредно?
Златото има уникатни физички својства – неверојатна издржливост, одлична електропроводливост и отпорност на корозија. Овие карактеристики го прават неопходно во многу индустрии. Од модерната електроника до стоматологијата, златото е присутно насекаде – во еден обичен паметен телефон има околу 30 милиграми злато, а некои стоматолошки пломби сè уште се изработуваат од овој метал.
Златото дава и психолошко задоволство, односно чувство на сигурност бидејќи речиси никогаш не може драстично да ја изгуби својата вредност. Дека институциите на повисоко ниво го имаат истото чувство говори и фактот што сè поголем број земји, вклучително и Македонија, ги акумулираат или ги надополнуваат своите резерви.

Според податоците на Народната банка, девизните резерви на крајот на февруари 2025 година изнесувале 4.861,3 милиони евра.
Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (76,2%), по што следуваат монетарното злато (12,5%) и валутите и депозитите (11,3%).
Што нè чека до крајот на 2025 година?
Според проценката на австралиската инвестициска банка Macquarie Group, цената на златото се очекува да достигне 3.500 долари за унца во третиот квартал од 2025 година.
Дејвид Вилсон од BNP Paribas ги истакнува неизвесностите околу царинската политика на американскиот претседател ДоналдТрамп. Покрај ризикот од царини, „меѓународните односи додадоа нов слој на макроекономска и геополитичка неизвесност, што е значаен поттик за златото“.











