Мукаетов: Задоволството е големо кога ќе го видам логото на „Алкалоид“ на полиците на ексклузивните продавници во Северна Америка, Канада, Италија…

459

Современи производствени погони, најнови машини, лабораторија и развоен центар кои се сместени во посебна зграда… најсовремена и најчувствителна опрема за контрола и за мерење, голем број млади и образовани луѓе…

Ова се сликата и впечатоците за скопската фабрика „Алкалоид“ што ги сподели српскиот магазин Недељник со генералниот директор и претседател на УО, Живко Мукаетов, којшто им беше домаќин по повод јубилејот на една од најпознатите македонски и ексју фабрики.

Континуираните инвестиции, како и посветеноста на растот и на одржливиот развој придонесоа за она што е денес „Алкалоид“ – шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа со над 2.000 вработени во базата во Скопје и со над 500 во странските филијали. Производите на „Алкалоид“ моментално се пласираат во над 40 земји низ светот, а компанијата има своја маркетинг-мрежа од 20 канцеларии во 14 земји надвор од Македонија, вели генералниот директор и претседател на УО, Живко Мукаетов, во интервју за „Недељник“.

На почетокот на овој трет милениум, вели тој компанијата донесе неколку стратешки важни одлуки кои се однесуваа на јакнењето на капацитетите и на глобализацијата на брендот „Алкалоид“.

– Компанијата во последните 20 години најмногу инвестираше во сегментот развој и производство на фармацевтски производи, како и во детската козметика и во чаевите. Повеќе од 65 % од нашиот пласман е наменет за извоз, а тој однос беше обратен пред две децении, во корист на домашниот пазар. Задоволството е навистина големо кога ќе го видам логото на „Алкалоид“ (Made in Macedonia) на полиците на ексклузивните продавници во Северна Америка. Канада, Италија, Австрија, Шпанија и Португалија се некои од новите пазари што ги додадовме на листата во последните неколку години, а глобализацијата на брендот „Алкалоид“ е патот на кој планираме да останеме фокусирани.

Ги спомена инвестициите во нови технологии, целосната дигитализација на работењето, удвојувањето на бројот на канцеларии на „Алкалоид“ надвор од македонската база, отворањето производство во Србија, како и формирањето на Институтот за истражување и развој и на Центарот за контрола на квалитетот.

– „Алкалоид“ во сето ова инвестираше над 200 милиони евра и со тоа придонесе нашите пласмани во последните 15 години да пораснат од 53 милиони на над 205 милиони евра, колку што очекуваме на крајот на оваа година. Оваа интензивна промена на животниот стил што ја имаме денес сигурно не била случај во минатото, а оваа здравствена криза на почетокот на третата деценија од третиот милениум нè научи на многу важни лекции и го забрза развојот на нови вештини, креативност и иновативност во компанијата, како и на стратегија, која ја налагаат новото време и барањата на пазарот. Годината на нашиот 85-ти роденден беше полна со неизвесност и со предизвици, но нашите човечки ресурси отсекогаш беа во фокусот и наш императив е да изградиме компанија во која луѓето ќе бидат задоволни и ќе ги вложат своите потенцијали за заеднички успех на сите нас во „Алкалоид“, истакнува Мулаетов во интервјуто.

Успехот во работењето на „Алкалоид“ е, пред сè, истакнува директорот, „огледало на квалитетот на човечките ресурси кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на самиот бренд „Алкалоид“, но и на индивидуалните брендови што ги имаме, а кои ги граделе генерациите пред нас, години наназад“.

– Покрај инвестирањето во развој на бизнисот, на врвот на агендата на „Алкалоид“ ќе биде и инвестирањето во заедницата во која живееме и работиме. „Алкалоид“ и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ лани донираа над 1,2 милиони евра, од кои околу 300.000 беа наменети за земјите од регионот, вклучително и Србија. Во духот на нашата максима „Здравјето пред сè“, „Алкалоид“ ќе остане посветен на позитивните вредности – кредибилитетот, професионалниот интегритет, хуманоста и, пред сè, човечката солидарност, посочи тој за „Недељник“.