Мултинационалните компании планираат намалување на деловните простории

47

Околу половина од големите мултинационални компании планираат да го намалат канцеларискиот простор во следните три години поради адаптацијата на вработените да работат од дома, што продолжи и по пандемијата.

Истражувањето на Knight Frank на директори на недвижности во 350 компании ширум светот, кои заедно вработуваат 10 милиони луѓе, покажа дека поголемиот дел од компаниите имаат тенденција да го намалат канцеларискиот простор за 10 до 20 отсто, пишува Financial Times.

Намерите на големите компании за дополнително намалување на канцеларискиот простор ја поттикнаа загриженоста за иднината на постарите згради и непопуларните локации бидејќи пазарот на комерцијални недвижности е погоден од повисоки каматни стапки. Речиси половина од анкетираните компании исто така планираат да го сменат своето седиште во следните три години.

Истовремено, најголем дел од помалите компании планираат да ги прошират своите деловни простории. Многу компании ги одложија одлуките за недвижнини во последните три години, чекајќи да ги проценат работните навики на вработените по пандемијата.

Компаниите користат различни пристапи за работа од дома. Инвестицискиот гигант BlackRock минатиот месец им нареди на сите вработени да се вратат во канцеларијата четири дена во неделата, додека банката JPMorgan во април побара од вработените да престанат да работат од дома и да се вратат во канцелариите.

Околу 56 отсто од компаниите се одлучиле за таканаречена хибридна работа, што значи комбинирање на работа од дома и во канцеларија, додека 10 отсто од компаниите се одлучиле за работа на далечина, без да дојдат во деловната зграда. Студијата на лондонската компанија за недвижнини Savills покажа дека најпразен канцелариски простор ќе остане во Сан Франциско и Вашингтон.