МЗШВ започнува нов проект за Национална стратегија за oбезбеденост со храна

8

Поставување на основата за подготовка на интегрирана Национална стратегија за обезбеденост со храна во Северна Македонија ќе биде во фокусот на нов проект на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО).

Проектот беше промовиран денеска преку настан во Скопје, организиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и ФАО во партнерство со Мрежата за рурален развој на Северна Македонија.

Во своето поздравно обраќање, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, истакна дека во ова време на глобални промени, од суштинско значење е да се обезбеди пристап до безбеден, стабилен и прифатлив извор на храна за сите, и дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе даде целосна поддршка во процесот на развој на Националната стратегија за обезбеденост на храната.

Министерот Николовски се надоврза и на минатонеделната министерска конференција во Берлин, на која беше испратена порака дека земјоделците, но и сите граѓани, треба да се прилагодиме на новите промени и да се обединиме во изнаоѓање на нови можности за полесно надминување на кризата со храна. 

”Соочувајќи се со предизвиците од пандемијата Ковид-19 и војната во Украина за домашната обезбеденост со храна, ние како министерство и  Владата ја препознавме важноста на Национална стратегија за обезбеденост на храна, како патоказ за утврдување на националните приоритети за подобрување на домашното земјоделско производство, а со тоа и достапноста на храна и можноста секој да си овозможи здрава исхрана. Ваквата стратегија може да ни помогне да го направиме нашиот прехранбен систем поиздржлив и отпорен на идни вакви кризи, кои можат да ја загрозат националната обезбеденост со храна” – рече министерот Николовски.

Иницијативата за изготвување на ваков документ, започна пред една година кога денешната светска криза воопшто не беше на повидок, а еве денска веќе имаме официјален почеток на проект со јасно дефинирани цели и резултати кои треба да ги постигнеме.

Генерално, проектот има за цел да го реши идентификуваниот недостаток на стратешка рамка за обезбеденост со храна во Северна Македонија преку поддршка на Владата да ги подготви релевантните документи, студии и анализи потребни за развој на првата Национална стратегија за обезбеденост со храна во државата. Проектот е дел од Регионалната иницијатива на ФАО за трансформација на системите за храна и олеснување на пристапот до и интеграцијата на пазарите, и се очекува да биде завршен до средината на 2023 година.

„Целта на оваа Стратегија е да се зголеми земјоделското производство за да можеме со помали трошоци за производство да ги задоволиме домашните потреби. Друга цел ни е да се подигне квалитетот на македонските производи, овозможувајќи препознатливост и конкурентност на нашите производи, создавање на услови за одржливо производство кое води грижа за животната средина, задоволување на потребите на граѓаните во услови на било каква криза и промовирање на здрави навики во исхраната со посебен акцент на жените и младите” потенцираше мнистерот Николовски.

Системите за снабдување со храна, домашни и меѓународни, се нарушени и продолжуваат да влијаат на глобалните цени на житото, ѓубривата и енергијата. Меѓународните цени на храната постојано растат, зголемувајќи го и онака тешкиот товар врз глобалната обезбеденост со храна. Покрај тоа, растечката фреквенција и интензитетот на екстремните климатски настани продолжуваат да бидат главна пречка во системите на снабдување и проблем во обезбеденоста со храна.

Поконкретно, во тесна соработка со Мрежата за рурален развој на Северна Македонија, преку консултативен и партиципативен процес, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работат на собирање на потребни национални податоци за обезбеденост со храна и здрава исхрана, како и на детална анализа на релевантните национални политики, кои ќе послужат како основа за нацрт на идната Стратегија за обезбеденост со храна.

Дополнително, ќе се спроведе институционална анкета за да се подготви предлог за воспоставување на постојан меѓу-институционален национален координативен механизам како главно државно тело во кое ќе бидат вклучени сите засегнати министерства и државни агенции кои ќе бидат одговорни за стратешкиот надзор на спроведување на националната стратегија, закони, политики и програми поврзани со обезбеденост на храната.