На австриските бизнисмени им фалат работници

108

Австриските претприемачи се борат со недостигот на работна сила, а 83 отсто од нив сметаат дека недостигот на квалификувана работна сила е најголемата закана за опстанокот на компаниите, се покажува студијата објавена вчера во Виена.

-Проблемот со недостиг на работна сила се влоши за време на пандемијата“, рече Ерих Ленер од компанијата EY Österreich, која спроведе истражување на повеќе од 600 австриски компании. Студијата заклучува дека сите австриски сојузни држави се погодени од недостиг на работна сила.

„Недостигот на работна сила го попречува закрепнувањето од економскиот пад за време на пандемијата“, се вели во студијата.

Анкетираните претприемачи за студијата се жалат на тешкотии кога станува збор за наоѓање квалификувани работници. Само два отсто од анкетираните изјавиле дека „нема проблеми“ во пополнувањето на слободните работни места за квалификувани работници. Дури 83 отсто рекле дека се соочуваат со „големи тешкотии“ во пронаоѓањето на квалификувана работна сила.

Најтешко се наоѓаат квалификувани работници во туризмот, логистиката, градежништвото и енергетскиот сектор. Откако средните компании беа најзагрижени за неизвесноста предизвикана од пандемијата во претходните истражувања, неодамнешното истражување, спроведено во декември, го наведе недостигот на работна сила како најголем проблем. „Со оглед на демографските трендови, обезбедувањето квалификувана работна сила е еден од најголемите предизвици во наредните децении, и за политиката и за економијата и науката, рече Ленер.