На Балканот ќе се прават електрични робо-такси возила

56

Хрватската технолошка компанија Project 3 Mobility (P3M) најави дека наскоро ќе започне со изградба на фабрика за робо-такси возила како дел од проектот вреден 535 милиони евра кофинансиран од Европската Унија.

Генералниот директорат за конкуренција (DG COMP) на Европската комисија оваа пролет одобри грант од 179,5 милиони евра на компанијата Project 3 Mobility, пишува plutonlogistics.com.

Проектот за кој се одобрени средства за хрватската компанија се вика „Истражување, развој и производство на нови мобилни возила и инфраструктура за поддршка“, а е регистриран како дел од Националниот план за закрепнување и отпорност.

Одобрувањето на сите нивоа на Европската комисија траеше речиси една и пол година.

Според челниците на оваа компанија, Хрватска ќе биде првата земја која ќе ги промени законите за оваа нова технологија за самоуправувачки возила.

„Процесот преку кој органите и институциите на Европската унија го одобрија проектот беше исклучително долг и напорен и траеше повеќе од две години откако ги започнавме првичните дискусии за нашиот проект. Одобрениот грант е само дел од средствата потребни за развој на проектот, а Project 3 Mobility ќе инвестира најмалку 350 милиони евра сопствени средства пред да излезе на пазарот. Дел од овие средства веќе се добиени од приватни инвеститори, додека остатокот ќе се собере во следните две години, “ изјави Марко Пејковиќ, извршен директор на Project 3 Mobility .

Според него, новиот екосистем за урбана мобилност значително ќе ги подобри моделите на мобилност и транспортните системи во урбаните средини, пренесува Б92.

Екосистемот се состои од три главни компоненти: автономно електрично возило, специјализирана инфраструктура и комплетна сервисна платформа. Kомпанијата Project 3 Mobility ќе гради производствен капацитет во Хрватска за масовно производство на автономни електрични возила.

Фото: Pixabay