На економијата на еврозоната ѝ се заканува пад на активноста во третиот квартал

49

Економијата на еврозоната нагло забави во јуни, а слабеењето на побарувачката сугерира дека активноста би можела да падне во третиот квартал бидејќи кризата во животниот стандард ги прави потрошувачите претпазливи, покажува најновото истражување на S&P Global.

Индексот на менаџери за набавка (PMI) во приватниот сектор на еврозоната падна во јуни за 2,8 поени во однос на мај, што се лизна на 52 поени, односно најниска вредност во последните 16 месеци.

S&P Global малку ја подигна првичната проценка на неговата вредност, пренесува Mina.

Вредностите над 50 поени укажуваат на пораст на активноста, додека оние подолу укажуваат на пад, па меѓу другото укажуваат и на влез во рецесија.

„Наглото влошување на стапката на раст на деловната активност во еврозоната го зголемува ризикот од пад на економската активност во регионот во третиот квартал“, изјави главниот бизнис економист на S&P Global, Крис Вилијамсон.

Како што наведе, преработувачкиот сектор веќе бележи пад, првпат по две години, додека растот во услужниот сектор е значително ослабен поради кризата на трошоците за живот.

„Поради скокот на цените, трошењето на домаќинствата за несуштински стоки и услуги е под особен притисок“, додаде Вилијамсон.

Индексот за мерење на активноста во услужниот сектор падна за 3,1 поен во јуни на 56,1 поен, а индексот за мерење на индустриското производство падна под 50 поени, што одразува пад за прв пат од првиот бран на пандемијата пред две години.

Побарувачката стагнираше, по 15-месечен период на раст, а слабоста беше главно концентрирана во преработувачката индустрија, додека услужниот сектор забележа скромен раст на новите нарачки.

Инфлациските притисоци донекаде се намалија, но индексот што ги мери цените на услугите остана блиску до рекордната мајска вредност.