На ЕУ ѝ недостасуваат милиони домови во големите градови

Побарувачката за домување е различна во поединечните земји од Европската Унија (ЕУ) и нејзините региони, што одразува различни демографски и пазарни услови. Во околу една третина од европските региони, градежништвото не успеа да го следи зголемувањето на населението. Големите урбани центри доживуваат зголемување на бројот на домаќинства делумно поради нивната помала просечна големина. Во многу рурални области, ситуацијата е сосема спротивна, побарувачката за домување е помала, па дури и има прекумерна понуда.

Бројот на станбени единици во ЕУ се зголеми од 218 милиони во 2010 година на околу 248 милиони во 2024 година.

Потребите за домување не се рамномерно распределени, а најголемиот дефицит е во урбаните средини и оние каде што економијата е многу динамична или е многу туристичка. На ваквите средини би им биле потребни 4,6 милиони повеќе станбени единици отколку што се изградени од 2010 година. Европската комисија проценува дека во периодот од 2025 до 2035 година, главно во вакви динамични средини, бројот на станбени единици треба дополнително да се зголеми за 2,5 милиони во споредба со моменталната динамика на градење.

Околу две третини од потребите за домување се концентрирани во четирите најголеми земји-членки на ЕУ, имено Германија, Франција, Италија и Шпанија.

За да одговори на демографските притисоци, ЕУ треба годишно да додава 650.000 нови станбени единици над бројката од 1,6 милиони што се очекува да се изградат. Ова бара инвестиција од повеќе од 150 милијарди евра годишно.

Во последните десет години, бројот на домаќинства во ЕУ се зголеми за околу 13 милиони, достигнувајќи околу 196 милиони.

Вкупните инвестиции во станбениот фонд треба да достигнат 1,68 милијарди евра до крајот на 2035 година, со цел да се изградат потребните повеќе од два милиони домови годишно.

Проблемот со големите градови е ограничената достапност на земјиште за нова градба.

Потребите за станбени единици во 30-те најголеми урбани области сочинуваат 35,5 проценти од вкупните очекувани потреби на ниво на ЕУ. На пример, во Шпанија, побарувачката е високо концентрирана во областите Мадрид и Барселона. Притисок постои и во многу крајбрежни и туристички области.

Но, од друга страна, го имаме примерот на некои земји-членки, како што е Холандија, каде што густината на населението е карактеристика на практично целата територија, а не само на одредени урбани области. Резултатот е дека инвестицискиот притисок околу станбените згради е пошироко распределен.