Германското Министерство за надворешни работи ќе дигитализира голем дел од процесот на издавање визи од 2025 година. Целта е пред сè да се донесе квалификувана работна сила побрзо, или барем да не бидат обесхрабрени од бирократијата пред тие да пристигнат.
Коментарите на онлајн форумите на луѓе кои бараат виза за Германија не изгледаат многу мотивирачки: „Исклучително е тешко дури и да закажете состанок“, пишува еден студент од Мароко на платформата „Редит!“, “Ужас” додава друг. Трет кандидат нуди совет: сè му се одвивало без проблеми кога испратил е-пошта до германската амбасада во која ја пофалил „прекрасната земја со богата култура, прекрасни пејсажи и топло гостопримство“.
Дали ваквите трикови навистина помагаат, не можеме да потврдиме. Сепак, никој не спори дека се неопходни подобрувања кога станува збор за визите за престој: дури и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок често ги споменува корпите полни со документи што се преместуваат од едно на друго биро во амбасадите и дека чекањето за визи е девет месеци или подолго.
Затоа, според Баербок, вистинска „револуција“ е Министерството за надворешни работи да премине на дигитален процес од 2025 година. Дигитализирањето на визите се смета за еден од нејзините омилени проекти и неочекувано ќе стане една од последните реформи на оваа влада.
Министерството годишно обработува просечно 2,3 милиони барања за виза. Дел од овие барања – кои бележат најголем раст – сега ќе бидат дигитализирани. „Бројот на апликации за долгорочни национални визи значително се зголеми“, вели Клеменс Конен, специјален комесар за дигитализација на визи во Министерството за надворешни работи.
Годишно се разгледуваат речиси 500.000 апликации, на пример за професионалци, студенти или за обединување на семејството. „Нашата цел е да обработиме што повеќе од нив преку порталот за странски државјани“, објаснува Конен.
Порталот за странски граѓани (Das Auslandsportal) е нова веб-локација поврзана со 167 германски канцеларии за визи ширум светот.
Најголем број барања моментално доаѓаат од Турција, Индија и Кина. Сепак, дури и малата канцеларија за визи во Рејкјавик (Исланд), која обработува само околу десет апликации месечно, е дел од системот. Амбасадите во кризните региони, како оние во Бејрут или Техеран, често се зафатени со други проблеми. Останува да видиме кога ќе има време да се префрлиме на новиот систем.
Веб-страницата ги води корисниците на германски или англиски јазик преку еден вид прашалник: „Колку долго сакате да останете или „Кои професионални квалификации можете да ги презентирате?“ Во најдобар случај, корисниците на крајот ќе стигнат до соодветната апликација за виза и ќе дознаат какви документи сè уште им недостасуваат.
Во развојот на порталот од 2021 година досега се инвестирани вкупно 13,6 милиони евра. Целта е да се направи платформата „интуитивна за употреба“, вели проект менаџерот Катарина Боненфант. Недостигот на дополнителни јазици не се покажа како пречка за време на тестирањето: „Корисниците чиј мајчин јазик не е германски или англиски успешно го користат преводот кој функционира во прелистувачот за сите потребни чекори“, објаснува Боненфант.
Претходниот процес се базираше на хартии, а тесно грло беа термините на шалтерите. Кандидатите често чекаа долго време на интервју во амбасадата, за да дознаат таму дека сè уште не е можна одлука.
Пред воведувањето на порталот за странски државјани, закажувањето во канцеларијата за визи во просек траело околу 20 минути, вели Боненфант: „Меѓутоа, често се поставуваа дополнителни прашања во врска со доставените документи, кои бараа закажување нов термин.
Со помош на порталот, подготовката за шалтерскиот термин ќе биде многу подобра. Тестовите во Бразил и Кина покажаа дека на овој начин е можно значително да се скрати времето поминато на лице место.
Подобри опции за планирање би требало да имаат и германските компании кои вработуваат експерти од странство. Особено за националните визи, неодамна има значително зголемување на времето на чекање. „Ова ја отежнува работната миграција, која, според истражувањата, ни е неопходна“, вели Клеменс Конен во новиот процес, приоритет ќе имаат експертите.
За да овозможи повеќе термини и да го скрати времето на чекање, Министерството за надворешни работи ангажираше вработени кои ги обработуваат барањата од Германија и на тој начин им даваат поддршка на колегите во регионите со особено голем број барања.
Лансирањето на порталот за странски државјани доаѓа среде изборната кампања, во која значајна улога имаат миграциските прашања. Министерството за надворешни работи се обидува однапред да ги елиминира можните критики за дигиталниот процес. Тој, на пример, нагласува дека дигиталниот процес не е помалку безбеден од хартиениот. Добивањето германска виза „со неколку кликања“ е лажен впечаток. „Луѓето сепак ќе бидат обврзани да закажуваат термин на шалтер и да даваат отпечатоци од прсти“, вели Катарина Боненфант. Исто така, оригиналните документи ќе бидат проверени за „автентичност“. Во сомнителни случаи, дигиталниот процес може дури и да дозволи повеќе време за детална проверка.
И покрај тоа, од МНР потврдуваат дека веќе се снимени првите напади на порталот. Од странство се обидоа да ја преоптоварат страницата или „да се пробијат во системот“, вели Боненфант. „Такво нешто се очекуваше. Вакви напади се очекуваат во иднина, па се воведени дополнителни нивоа на безбедност.