На глобалната економија ѝ се закануваат високи долгови и низок проектиран раст

95

Глобалната економија се држи многу добро, но ѝ се заканува опасност во вид на високи долгови и низок раст, изјави денеска во Вашингтон директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Кристалина Георгиева.

Во тој случај, светот би се соочил со период на ниски плати, бројот на работни места би бил помал, а владите би имале помалку средства за потрошувачка и инвестиции.

Според неа, повеќето земји во светот очекуваат таканаречено „меко приземјување“, односно намалување на стапката на инфлација без да западнат во рецесија, но повеќето луѓе сè уште се неизвесни за нивните економски перспективи.

Таа додаде дека сегашната програма на ММФ е насочена токму кон тие два проблема, односно сака да обезбеди „меко приземјување“ во земјите без негативни последици на пазарот на трудот и во исто време да ја прекине спиралата на високи долгови и низок раст.

Зборувајќи за Кина, таа рече дека економскиот раст на земјата може да забави под четири отсто доколку не спроведе реформи кои би ја поттикнале домашната потрошувачка, а посебно внимание треба да се насочи кон секторот на недвижности.

Кристалина Георгиева одржа говор во рамки на годишниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата на Светска банка во Вашингтон, кој започна во понеделник и ќе трае до 26 октомври.