На Јабланица ќе се гради скијачки центар

76

698.ef68ee162596e3078d4b12b2f8a37806На врвот од планината Јабланица ќе се гради жичница долга околу 3,5 километри, за што деновиве ќе биде распишана и тендерската постапка.

Скијачкиот терен ќе се изгради на месноста Голина, а проектот ќе биде изграден најверојатно со јавно-приватно партнерство, најави градоначалникот на Вевчани, Цветомир Угриноски.

“Документацијата е подготвена и деновиве ќе се распише тендер за изведувач. Најверојатно ќе биде странски изведувач и мислам дека се заинтересирани Австријци. Сето тоа ќе чини околу 250.000 евра”, појасни Угриноски.

Градоначалникот додаде дека претставници на МЕПСО веќе биле на терен и констатирале дека на ова место има одлични услови за развој на зимскиот туризам. Експерти од Хирдрометеоролошкиот завод вршеле испитувања и поставиле мерни станици за да утврдат колку време се задржува снегот на врвот од Јабланица, каде што ќе се гради зимскиот центар.

“Поволност е што снегот на планината се задржува седум месеци. Паѓа во ноември, а се топи во мај и го има во големо количество. Кога ќе се изгради жичницата, Охридското Езеро ќе се гледа како на дланка. Природата е многу убава, планината е питома, а до скијачките возила ќе може да се оди со автомобил”, рече Угриноски.

Предвидено е проектот да биде готов за 12 месеци.