На Клиниката за детски болести презентирана првата Новогодишна картичка

98

novogodisni karticki4

На Клиниката за детски болести презентирана првата Новогодишна картичка. Идејата ја иницираа Издаваштвото Култура и компанијата Секјуриком. На оваа акција се приклучија Фондацијата Златна Рипка, Графотрејд и Копринт. Вредните рачиња на децата од градинката Детска Радост цртаа на тема Новогодишни празници, а заеднички беше избран цртежот на малата Нела Трајкоска.

“Така настана нашата прва новогодишна картичка. Проект започнат со убава чиста мисла, со хумана идеја, нацртан од деца, наменет за деца. Преку нив не само што ќе им испратите најубави желби на своите пријатели и професионални контакти, туку радоста на новогодишните празници ќе ја проширите и во просториите на нашата Клиника. Во празниците кои се пред нас се дарува љубов. Им благодарам уште еднаш на сите овие прекрасни луѓе кои ја иницираа идејата за првата Новогодишна картичка и кои овозможија таа да биде реализирана“, изјави доктор Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести.

Новогодишната честитка ќе се продава по цена од 100 денари. Може да се најде на сите продажни места на Култура, а ќе биде присутна и на новогодишните базари. Сите средства собрани од продажбата на оваа картичка ќе бидат искористени за купување на потребната опрема за Одделот за интензивна нега на Клиниката, каде секоја година се лекуваат повеќе од 500 деца.

“Ние од Фондацијата Златна Рипка сме среќни што сме дел од оваа акција. Во период од една година колку што постоиме успеавме да направиме повеќе дечиња среќни. Исполнивме желби на неколку деца од одделот Онкологија и продолжуваме да работиме во тој правец. Преку Новогодишните честитки и средствата кои ќе се соберат се надевам  ќе помогнеме уште повеќе“, вели Деспина Козаровска од Златна Рипка.

Четиригодишната Нела на својот цртеж нацрта многу елки и подароци за децата кои се лекуваат на клиниката. Вели дека сака Дедо Мраз да ѝ донесе многу играчки, на неа и на сите деца.

Во рамките на промоцијата на картичката компанијата Секјуриком подели пакетчиња со книги и боенки до сите деца хоспитализирани на клиниката и донесе лектири за библиотеката на Онколошкиот оддел.