На Porsche му недостасуваат делови за електрични автомобили

78

Porsche предупреди на проблеми во снабдувањето со делови за електрични модели и предвидува послаб раст на продажбата во Германија и Кина во втората половина од годината.

Компанијата се соочува со „големи предизвици“ во набавката на специјални делови, како што се високонапонските грејачи, што може да го попречи нејзиниот целен удел на електрични возила од околу 12 до 14 проценти, рече финансискиот директор Луц Мешке.
„За постигнување на таа цел ќе биде потребна многу подобра ситуација со набавките во втората половина од годината“, додаде Мешке.

Porsche ја затвори првата половина од годината со 10,7 отсто поголема оперативна добивка од 3,85 милијарди евра. Приходите се зголемени за 14 отсто, на 20,43 милијарди евра, пренесува „Јутарњи“.

Во првите шест месеци од оваа година, тие испорачаа 14,7 отсто повеќе автомобили, делумно поради ниската база на споредба во првата половина од минатата година, кога испораките беа погодени од заклучувањето во Кина.

Закрепнувањето на кинескиот пазар е послабо од очекуваното, посочуваат од компанијата, а би требало да се забави и продажбата на домашниот германски пазар, по силниот раст во првите шест месеци, пишува „Хина“.

Сепак, пазарот на луксузни автомобили е многу поотпорен од масовниот пазар на автомобили, нагласи извршниот директор Оливер Блуме, додавајќи дека тие успеале да ги надоместат повисоките трошоци со стабилни цени и поголем број продадени автомобили.

Компанијата и во целата 2023 година очекува приход во опсег од 40 до 42 милијарди евра, под услов состојбата во набавките и во светската економија значително да не се влоши.