На што треба да внимавате кога се пакувате за на пат

56

Многу често се случува при пакување на потребните работи за на пат да недостасува простор во куферите. Но тоа не е единствениот проблем. Пакување на различни предмети, алишта, средства за лична хигиена, електроника на едно место, исто така, е лоша комбинација.

Како правилно да го “организираме“ куферот и што навистина ни е потребно кога одиме на пат, во продолжение…

Листа

Пред да почнете со пакување направете листа на она што е потребно. Куферите имаат ограничен простор, па затоа не претерувајте. Понекогаш ќе мора да заминете набрзина, па можно е нешто да заборавите. Листата ќе биде тука за да ве потсети.

Проверете колку можете да понесете

Кога патувате со авион секогаш проверувајте колку багаж можете да понесете, колку дополнително ќе треба да платите и слично. Различни авиокомпании имаат различни политики кога станува збор за дозволен багаж. Не дозволувајте да бидете изненадени на самото место.

Виткање наместо диплење

Наместо да ги диплите алиштата, пред да ги ставите во куферот, свиткајте ги во ролна. Така истите ќе зафатат помалку простор од вообичаено, а пакувањето ќе биде побрзо.

Важните работи во посебна торба

Никогаш не се знае што може да се случи при патување. Губење на багажот, кражба, замена… се само неколку сценарија. Затоа, од исклучително значење е да ги имате најпотребните работи со вас во посебна торба заедно со екстра алишта за секој случај.

Мини пакувања

Средствата за лична хигиена не само што треба да се носат во посебен, затворен дел во куферот, истите треба да бидат во мини варијанти што не биле претходно отворени. Кога ќе стигнете на дестинацијата ќе може да купите доколку ви се потребни дополнителни средства.

Мека хартија против набори

Користете мека хартија за да ги обвиткате алиштата откако ќе бидат свиткани во ролни. Тоа може да биде тоалетна хартија, меки салфетки, бришачи за раце и слично… Овој мал трик помага за создавање на помалку набори при пакувањето.

Бидете практични

Не земајте работи што нема да ви требаат или што можете да ги купите по достапна цена. Понесете облека и чевли што можат да се носат за секаква пригода, користете проѕирни вакуум ќеси и различни помали торбички за подобра организација и чување на работите.

Фото: Pexels