На што трошат пари богатите луѓе во време на криза?

40

Оние со длабоки џебови не се плашеа да трошат пари во изминативе неколку години и покрај кризата. Додека некои се бореа за егзистенција, други расфрлаа пари на различни задоволства. Но, ќе речете, секој со своите заработени пари може да прави што сака. Дали купените работи се неопходни? Дискутабилно. Во секој случај, треба да се нагласи дека парите со кои се купени некои од наведените работи завршиле во хуманитарни цели.

Пописот го направи Life, а го пренесе Business Insider. Повеќето работи се купени на аукции, во периодот јуни 2011 до јуни 2012 година.

1. Еден милијардер на аукција во мај купи хот дог за 1.500 долари. Hot dog Mike бил подготвен од говедско месо, со сос од јастог и специјален традиционален сос од шафран, а бил посипан со златни снегулки. Парите од продажбата отишле за потребите на бездомниците во Арканзас.

2. Кога богаташ купува чоколадно јајце, ниту 11.200 долари не е преголема сума. Го изработил дизајнерот Вилијам Карли, кој тврди дека три дена го изработувале седум уметници кои се занимаваат со изработка на слатки од чоколадо. Јајцето тежело околу 50 килограми, а сите украси на него се изработени рачно.

3. Еден канадски стоматолог за забот на покојниот Џон Ленон издвоил 31.200 долари. Го купил на аукција во ноември и го изложил во својата канцеларија за да се фали со него.

4. На продажба имаше и заби на тираносаури. Еден од нив е купен за неверојатни 56.250 долари на аукција во декември 2011 година во Лос Анџелес. Станува збор за еден од најголемите заби на тираносаурус пронајдени во Монтана. Купувачот остана анонимен.

5. Еден анонимен купувач во март годинава за шише виски Glenfiddich издвоил неверојатни 94.000 долари. Вискито било од 1955 година, од резервите на Џенет Шид Робертс. Продадено е на аукција во Њујорк, а парите се донирани во добротворни цели.

6. Приватниот колекционер на вина Кристијан Ван во јули 2011 купил шише Château d’Yquem од 1811 за 115.000 долари. Шишето вино старо 200 години се смета за едно од најдобрите Бордо вина од една од најбогатите берби на светот.

7. Сто години по потонувањето на Титаник, менито на патниците од првата класа се најде на аукција во Лондон и постигна цена од 122.000 долари. Менито му припаѓало на банкарот Вашингтон Доџ, кој на Титаник пловел со сопругата и синот. Сопругата ја ставила картата со менито во паричникот, не ни насетувајќи како ќе се заврши нивното патување. За среќа, целото семејство ја преживеало несреќата.

8. Непознат купувач за постер од филмот за Џемс Бонд од 1971 година, на аукција во Лондон во јуни годинава издвоил 129.000 долари.

9. Најскапата играчка во Велика Британија денес чини 139.400 долари. Се работи за борбен брод изграден во 1905 година, наречен HMS Terrible. Станува збор за реплика на брод на британската кралска морнарица која ја изработил германскиот произведувач на играчки Марклин. Купувачот е непознат.

10. Маж од Охајо во едно дуќанче платил 14 долари за урамен постер од Пикасо. Но, подоцна се испоставило дека станува збор за оригинал линорез на Пикасо што сам си го направил во 1958 година за изложба во Франција. Месец дена подоцна, мажот го продал линорезот на еден богаташ за 7.000 долари.