На светот му претстојат тешки шест месеци, предупредуваат Саудијците

Следните шест месеци ќе бидат „многу тешки“ за светот, во вторникот злокобно, без многу дополнителни објаснувања, „прогнозираше“ саудискиот министер за финансии Мухамед бин Абдула ал-Џадран на самитот „Иницијатива за идни инвестиции“ во Ријад.

„Многу е тешко да се предвиди што ќе се случи. Но, можам да ви кажам дека ова ќе бидат многу тешки шест месеци. Одговорноста на заливскиот регион е да му помогне на поширокиот свет и да обезбеди поголема соработка“, рече Џадран на големиот собир на кој присуствуваше елитата на американското банкарство, но не и официјален Вашингтон.

Неговото  предупредување дојде еден ден откако саудискиот министер за енергетика принцот Абдулазиз бин Салман на истиот собир истакна дека земјата и понатаму е „најсигурниот снабдувач на нафта во светот“. Од таа позиција, принцот Абдулазиз истакна дека е негова „длабока должност“ да го предупреди светот дека „губењето (испуштањето) на резервите за вонредни ситуации може да биде болно во месеците што доаѓаат“. Саудискиот министер за енергетика избегна да именува кон кого точно е упатена оваа „болна“ процена, но не пропушти да спомене дека во сегашните енергетски односи со Америка Ријад избрал да биде „позрелиот партнер“. „Постојано нѐ прашуваат: Дали сте со нас или против нас? Има ли место да се каже – ние сме со саудискиот народ?“, додаде тој.